Претседателот на САД, Доналд Трамп, го изненади генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, со тоа што ја измени заедничката изјава по нивната средба на Флорида, објави денеска американскиот медиум „Политико“ (Politico).
Во првичниот текст на заедничката изјава – објавен на веб-страниците на Северноатлантската алијанса и на Белата куќа по средбата меѓу Трамп и Руте во „Мар-а-Лаго“ – од Русија се бараше да избегнува дејствија што би можеле, намерно или ненамерно, да доведат до проширување на конфликтот.
Неколку часа подоцна, Трамп објави изменета верзија на документот на социјалната мрежа „Трут соушал“ (Truth Social), наведувајќи дека не само Москва, туку и Киев треба да се воздржат од такви чекори.
Според неименуван претставник на НАТО кој разговарал со „Политико“, првичната верзија на заедничката изјава била усогласена од двете страни, додека најновата верзија била одобрена исклучиво од американскиот претседател.
Во текстот се посочува дека ова укажува на постоечките тензии меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој одбива да ги запре нападите врз руските рафинерии за нафта и критичната инфраструктура.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека американскиот лидер очигледно мисли на обидите на режимот во Киев да го прошири географскиот опсег на конфликтот меѓу Русија и Украина, пренесува агенцијата „РИА Новости“.
Politico: Трамп го изненади Руте, па ја измени заедничката изјава без негово одобрение

