Американски официјални претставници ги информирале вработените во комисиите на Конгресот дека нема докази оти кинеските разузнавачки служби ѝ дале наредба на деловната жена Алис Хуанг да го шпионира извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг, објави денеска „Волстрит џурнал“ (WSJ), повикувајќи се на извори запознаени со случајот.
Весникот наведува дека американските власти утврдиле оти Алис Хуанг била во контакт со кинеските разузнавачки служби за време на нејзината љубовна врска со извршниот директор на „Nvidia“; сепак, не биле пронајдени индиции дека таа пренесувала важни разузнавачки податоци, ниту пак дека нивната врска била дел од координирана кинеска операција.
На брифингот учествувале претставници од Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Федералното биро за истраги (ФБИ), Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, при што биле информирани вработените во разузнавачките комисии на Конгресот, како и раководството на Конгресот, пренесува „Ројтерс“.
Во извештајот исто така се наведува дека Канг Веи – кој според извори запознаени со врската е сопруг на Алис Хуанг – бил соработник на кинеското Министерство за државна безбедност и одржувал редовни контакти со таа служба.
Сепак, американските власти предупредија дека нови информации би можеле да ја променат моменталната проценка на случајот. Овие сознанија излегоа на виделина откако претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно оваа недела, го поддржа враќањето на Џенсен Хуанг на чело на „Nvidia“, заклучувајќи дека извршниот директор на компанијата не претставува закана за националната безбедност на САД.
Хуанг се повлече од својата функција на 12 ноември по обвинувањата за негови вонбрачни афери – вклучително и онаа со Алис Хуанг, чии врски со кинеските разузнавачки структури биле предмет на безбедносна проверка од страна на САД.
Акциите на „Nvidia“ паднаа за повеќе од 7% по објавувањето на извештајот, со што делумно се избриша претходниот силен раст од над 31%, забележан по враќањето на Хуанг на чело на компанијата.
WSJ: Американските служби немаат докази дека Кина наредила шпионирање на извршниот директор на „Nvidia“

