РУСИЈА започна голем балистички ракетен напад врз Украина доцна навечер на 25 ноември, а според властите, во Киев бил погоден трговски центар. Ова е најновиот во серијата руски воздушни напади што се случуваат со приближувањето на зимата, пишува „Киев Индепендент“ .
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави дека три лица се повредени. Двајца се однесени во болница, од кои едниот е во тешка состојба.
Аларми во градот
Кличко, исто така, потврди дека за време на нападот била погодена и зграда во индустриската зона во градскиот округ Десњански. Сирени за воздушен напад се огласија во главниот град и поголемиот дел од земјата околу 22:46 часот по локално време поради заканата од руски балистички ракети.
Руските напади врз украинските градови се секојдневна појава. Во ноќта на 25 ноември, во напад врз округот Била Церква во Киевската област загина едно лице, а беа оштетени деловни објекти, што го потврди и гувернерот Тимур Ткаченко.
Еден ден претходно, доцна навечер на 24 ноември, во напад во регионот Одеса загинаа две лица, меѓу кои и тинејџер, а едно лице беше повредено. Истиот ден, во Киев, во напад врз дворот на станбена зграда беа повредени две лица.

