Во Собранието денеска почна расправа по Дополнетиот предлог буџет, со кој, според ресорната министерка Гордана Димитриеска Кочоска, се продолжува со макроекономската стабилност, фискалната консолидација, се обезбедува економски раст, како и средства за сервисирање на сите обврски вкучително и исплаќање на еврообврзницата.

Растот на БДП во 2026 година е проектиран на 3,8 проценти, а инфлацијата на 2,5 проценти. Вкупните приходи треба да изнесуваат 374,9 милијарди денари, расходите 414,2 милијарди денари, а буџетски дефицит 39,2 милијарди денари или 3,5 проценти од планираниот БДП.
Димитриеска Кочоска пред пратениците рече дека очекува аргументирана и конструктивна расправа насочена кон најдоброто решение.
Според неа, проекциите за 2026 година укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст, заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и човечки капитал, како и поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на домашната економија.
– Овој Буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за стабилност, доверба и развој. Јасна потврда за одговорното управување со јавните финансии кое го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет, рече министерката за финансии.
Во тек на расправата за буџетот во матичната Комисија за финансирање и буџет од околу 200 амандмани беа прифатени шест.
На почетокот на седницата на Собранието, парламентарното мнозинство прифати по скратена постапка да се донесат Предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година, како и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, на Законот за вработените во јавниот сектор и на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, сите по скратена постапка.




