На разговор се повикани 14 лица вклучително и родителите на децата кои извршија врсничко насилство врз нивна врсничка во Ѓорче Петров.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека се води истрага и дека за дел од лицата ќе следат соодветни процесни дејствија.
– Ова е сериозен проблем кој нè засега сите и кој ќе остане во фокусот на Министерството за внатрешни работи. Во однос на конкретниот случај за кој прашувате, запознаен сум дека се води истрага. Четиринаесет лица се повикани на разговор, а за дел од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Во рамки на предметот е вклучено и Јавното обвинителство и се постапува по насока на надлежен јавен обвинител, рече Тошковски.
По обелоденувањето на случајот во кој шестоодделенка била малтретирана од нејзини врсници, а според објавите во медиумите, била кубена и горена со цигари, социјалните мрежи вријат од реакции.




