
Советникот на иранскиот врховен лидер на Иран, Мохсен Резаи денеска изјави дека Иран разгледувал напади врз три цели во Украина, но се откажал од таквите планови по контактите со Киев и добиеното извинување од украинска страна.
„Имавме намера да извршиме напад врз три објекти во Украина, но го откажавме откако Украина се извини“, рече Резаи во интервју за иранската државна телевизија.
Тензиите во односите меѓу Киев и Техеран ескалираа откако украинските сили кон крајот на минатиот месец извршија напади врз воени и логистички цели во неколку региони на Русија и врз бродови во водите на Каспиското Море, при што, според Иран, бил погоден и ирански трговски брод: Во нападот загинал еден ирански морнар, а друг бил ранет.
Според украинските валсти, при нападите биле погодени бродови што биле користени за транспорт на воена опрема од Иран во Русија.
Техеран го оцени нападот врз иранскиот брод како доказ за „продолжување на непријателскиот пристап на Украина кон Исламската Република Иран“, нагласувајќи дека „никогаш не се мешал во војната на Русија против Украина“ и обвинувајќи го Киев дека се обидува да го прошири конфликтот.
Иранското Министерство за надворешни работи го повика вршителот на должноста амбасадор на Украина во Техеран пренесувајќи му протест поради „непријателскиот и криминален напад“.
По ова украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха телефонски разговараше со својот ирански колега Абас Аракчи, порачувајќи дека сите акции на Украина биле насочени исклучиво кон одбрана од руската агресија и никогаш не биле насочени против цивилни бродови или цивили. Според украинската страна, Аракчи во разговорот рекол дека Иран не сака ситуацијата дополнително да ескалира.




