
Криминалните мрежи преку социјалните медиуми и апликациите за пораки регрутираат малолетници ширум Европа, ветувајќи им десетици илјади евра за извршување убиства, бомбашки напади и други насилни злосторства, предупредуваат европските безбедносни служби.
Истрагата, како што јави Би-Би-Си, првенствено е насочена кон шведската криминална мрежа Фокстрот, за која се верува дека е одговорна за околу 35 убиства од 2022 година, како и за неколку напади и обиди за напади врз израелски и еврејски цели низ Европа.
Организацијата развила модел познат како „насилство како услуга“, во кој ги пронаоѓа сторителите преку интернет, наместо да користи членови на сопствената криминална структура. Според наодите, членовите на мрежата систематски регрутираат малолетници и многу млади лица преку социјалните медиуми и апликациите за пораки, нудејќи им големи суми пари за извршување убиства или други насилни задачи, додека инструкциите често се испраќаат на начин што личи на видео игри. Во многу случаи, младите луѓе се апсат пред или веднаш по нападот, поради што криминалната организација често не ги плаќа ветените пари.
Истражителите предупредуваат дека овој модел се шири низ Европа токму затоа што криминалните групи лесно наоѓаат нови сторители.
Малолетниците, без криминално искуство, честопати не се свесни за последиците од своите постапки, додека организаторите се држат далеку од местото на злосторството и ја избегнуваат директната одговорност.
Според Би-Би-Си, еден од најпознатите случаи е оној со Атила Асимов, кој убил погрешна личност за пари и бил осуден на доживотен затвор. Слично сценарио се случило и во Велика Британија, каде што норвешкиот тинејџер Јоханес Нутланд минатата недела беше прогласен за виновен во суд во Лондон за заговор за убиство. Според обвинителството, тој бил ангажиран да изврши атентат во Западен Јоркшир, но бил уапсен во хотелска соба во Хадерсфилд со две огнени оружја и муниција. Истрагата открила дека бил контактиран од малолетник што го запознал во дом за деца, со ветување за исплата од околу 21.000 фунти.
Мрежата Фокстрот ја предводи Рава Маџид, познат по прекарот „Курдската лисица“. Според истражителите, тој моментално е во Иран, а дел од активностите на неговата организација се поврзани со интересите на иранскиот режим. Се верува дека по неговото заминување во Техеран, дел од мрежата бил користен за организирање напади врз поединци и институции што Иран ги смета за непријатели, вклучувајќи израелски и еврејски цели во Европа.
Поради зголемениот број вакви случаи, Европол ја формираше оперативната работна група ГРИММ, во која членуваат 11 земји – Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Исланд, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство. Задачата на групата е да разменува разузнавачки информации и заеднички да се бори против криминалните мрежи што дејствуваат низ неколку европски земји.
Безбедносните служби предупредуваат дека групите на организиран криминал намерно ги таргетираат младите луѓе од тешки социјални ситуации, бидејќи тие се поподложни на манипулации и поподготвени да прифатат високи ризици за ветените пари. Социјалните мрежи и апликациите за пораки станаа главен канал за пронаоѓање нови сторители, поради што истражителите веруваат дека борбата против овој облик на криминал ќе биде еден од најголемите безбедносни предизвици во Европа во наредните години.




