Најавената владина мерка со која најмалку 10 проценти од станбената површина во новите станбени објекти би требало да им биде понудена на младите брачни парови по цена најмалку 20 отсто пониска од просечната во соодветната катастарска општина, веќе отвора низа прашања кај градежниот сектор.
Додека премиерот Христијан Мицкоски најавува дека во декември во Собранието ќе бидат доставени два специјални закона, градежниците за понеделник најавуваат вонреден состанок на кој ќе ги разгледуваат нејаснотиите околу мерката.
Телевизија 24 објави дека, според информации до кои дошла редакцијата, градежниците сметаат оти мерката што се подготвува во Владата има повеќе недоречености и дека начинот на кој е најавена предизвикува забуна кај компаниите што градат станбени објекти низ државата.
Меѓу дилемите што ги отвораат се како ќе се одредува кои станови во една зграда ќе бидат опфатени со пониската цена, дали право на купување ќе имаат и млади лица до 35 години кои не се во брак, како и на кој начин ќе се спречат евентуални манипулации со мерката.
Како една од можните злоупотреби се посочува сценариото станот да биде купен по намалена цена, а потоа во краток рок да биде препродаден по повисока цена. Дел од забелешките се однесуваат и на можноста становите што ќе бидат опфатени со мерката да се продаваат без основни елементи на опременост, како паркет или ламинат.
Во декември два специјални закона за домувањето на младите брачни парови
Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот на седницата за пратенички прашања најави дека во декември до Собранието ќе бидат доставени два специјални закона поврзани со стандардот на младите брачни парови, со цел мерките да почнат да се спроведуваат следната година.
Според најавата, право на поевтин стан ќе имаат брачни двојки кај кои најмалку еден од партнерите е на возраст до 35 години. Становите ќе се нудат по цена најмалку 20 проценти пониска од просечната цена во соодветната катастарска општина во претходната календарска година.
„Секоја градежна компанија која во иднина ќе гради објекти за домување мора однапред да определи најмалку десет проценти од станбената површина за домување, која потоа ќе биде понудена на млади брачни парови до 35-годишна возраст по цена што ќе биде минимум 20 проценти пониска од цената што се нуди за таа катастарска општина, а која била актуелна претходната година“, рече Мицкоски.
Мицкоски најави и втора мерка за младите брачни двојки кај кои најмалку еден од партнерите е до 35 години, а кои ќе сакаат да изградат сопствен дом, односно куќа. Според најавата, тие ќе бидат ослободени од плаќање комуналии.
Премиерот посочи дека побарал од Агенцијата за катастар на недвижности анализа на купопродажните договори за првите три квартали од годинава. Овие податоци, според неговото образложение, ќе бидат основа за пресметување на цените за следната година.
Тој нагласи дека градежните компании нема да можат да добијат одобрение за градба доколку уште во процесот на урбанизација и проектирање не предвидат најмалку 10 проценти од станбената површина за младите брачни парови кои ги исполнуваат условите.
„Нема да може градежната компанија да добие дозвола за градба доколку уште во процесот на урбанизација и проектирање не одвои 10 проценти од станбената, минимум 10 проценти. Ова е, цениме, мерка за младите со која сметаме дека тие ќе го решат своето најгорливо прашање, а тоа е домувањето“, додаде премиерот.
Куќа без комуналии и повик до општините за парцели по едно евро за квадрат
Втората мерка се однесува на младите брачни парови кои ќе сакаат да изградат сопствена куќа. Мицкоски ги повика градоначалниците и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да парцелизираат и урбанизираат земјиште што преку јавно наддавање би им го понудиле на младите брачни парови по почетна цена од едно евро за квадратен метар.
Тој ги повика градоначалниците да размислат и за дополнителни олеснувања, односно за уште поголем попуст во делот на комуналиите за брачните парови кои ги исполнуваат условите.

