Мајк Лав, еден од основачите и главен вокал на познатата американска поп-рок група „The Beach Boys“, почина на 85-годишна возраст, соопшти неговиот портпарол.
Лав, кој претходно оваа година откажа бројни закажани настапи на групата, почина во саботата; причината за смртта не е објавена, пренесува новинската агенција АП.
Во раните 1960-ти години во Калифорнија, Лав – заедно со неговите братучеди Брајан, Карл и Денис Вилсон, како и нивниот пријател Ал Џардин – ја основаше групата која подоцна стана светски феномен.

Во периодот помеѓу 1963 и 1966 година, „The Beach Boys“ имаа повеќе од десет песни меѓу првите 20 на топ-листите, меѓу кои најпознати се „I Get Around“, „Help Me, Rhonda“ и „Good Vibrations“.
Во текот на својата кариера, групата продаде повеќе од 100 милиони плочи ширум светот.
Иако Брајан Вилсон беше главен композитор, аранжер и продуцент на групата, карактеристичниот тенор на Лав ги дефинираше брзите хитови како „Surfin’ USA“ и „California Girls“, а тој најчесто беше и фронтмен за време на концертите во живо.
Во 1994 година, Лав покрена успешна тужба против Брајан Вилсон, со што обезбеди признание како коавтор на десетици песни, тврдејќи дека тој ги напишал текстовите за некои од најпознатите нумери на групата. И покрај големиот успех, историјата на групата беше одбележана со бројни несогласувања, судски спорови околу правата за користење на името на бендот, како и повлекувањето на Брајан Вилсон од турнеите поради проблеми со менталното здравје.
Покрај хитовите од 1960-тите, Лав е коавтор и на песната „Kokomo“ од 1988 година, која се искачи на првото место на топ-листите и беше дел од саундтракот за филмот „Коктел“ (Cocktail). Тој беше примен во Куќата на славните на рокенролот како член на „The Beach Boys“ во 1988 година, а во 2025 година беше избран во Куќата на славните на текстописците, кратко по смртта на Брајан Вилсон.
Се женел повеќе пати и има осум деца.

