Во саботата, Музејот на Лондон ги отвори вратите за посетителите по десетгодишна трансформација, која чинеше 437 милиони фунти (приближно 525 милиони евра). Музејот прикажува околу 2.000 години од историјата на британската престолнина преку уникатна колекција на историски артефакти, уметнички дела и необични експонати, пренесува „Лондон ивнинг стандард“ (London Evening Standard).
Музејот се пресели од својата претходна локација кај „Лондон вол“ (London Wall) во историскиот комплекс „Смитфилд“ (Smithfield); неговото отворање се совпаѓа со 50-годишнината од основањето на институцијата.
Поставката е поделена на три дела – „Реално време“ (Real Time), „Наше време“ (Our Time) и „Минато време“ (Past Time) – кои ги водат посетителите низ различни епохи и клучни настани од историјата на Лондон.
Меѓу најинтригантните експонати е скршена бас-гитара „Фендер пресижн“ (Fender Precision), на која свирел Пол Симонон од групата „Д Клеш“ (The Clash); инструментот стана иконски откако се појави на насловната страница на албумот „Лондон колинг“ (London Calling) од 1979 година.
Друг значаен експонат е дел од озлогласениот „Вајтчепел фетберг“ (Whitechapel Fatberg) – огромна стврдната маса од канализациски отпад, откриена во лондонската канализациска мрежа во 2017 година. Составена главно од масти и влажни марамчиња, оваа колосална акумулација тежела приближно 130 тони и се протегала во должина од околу 250 метри. Посетителите можат да видат и полициска кабина насликана од уличниот уметник Бенкси, историската кочија на лорд-градоначалникот на Лондон, како и натписот од познатата перална што се појавува во телевизиската серија „ИстЕндерс“ (EastEnders).
Историскиот дел од поставката вклучува артефакти од римски Лондон, остатоци од Големиот пожар во 1666 година, монети што им припаѓале на жртви на чумата, како и предмети поврзани со верските и општествените превирања во Англија. Меѓу десетте посебно издвоени експонати се наоѓаат: елек за кој се верува дека го носел кралот Чарлс I за време на неговото погубување во 1649 година; накит од познатата збирка „Чипсајд хорд“ (Cheapside Hoard); фустан што ѝ припаѓал на кралицата Викторија, од 1892 година; како и медал што бил сопственост на суфражетката Емелин Панкхерст.
Изложени се и предмети поврзани со спортот, меѓу кои и шорцевите за пливање што ги носел британскиот скокач во вода Том Дејли на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека е важно градот да ја претстави сопствената историја преку сопствен глас, нагласувајќи дека новиот музеј треба да ги доближи минатото и културното наследство на Лондон до идните генерации.
Директорката на музејот, Шерон Амент, го опиша повторното отворање како емотивен момент за сите вклучени во проектот, истакнувајќи дека целта на институцијата е – преку предмети и приказни – да ги поттикне посетителите да ја согледаат историјата на градот од нова перспектива.
Според проценките на градските власти во Лондон, музејот би можел да привлекува околу два милиона посетители годишно. Во соседниот комплекс на поранешниот пазар за живина, за 2028 година е планирано отворање на дополнителни изложбени простори, центар за образовни активности, како и простор за чување на музејската збирка.
Новиот лондонски музеј ги отвора вратите по реновација вредна 525 милиони евра

