Доктор и медицинска сестра биле нападнати пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром. Лекарската комора го осуди насилството и побара итно расчистување на случајот.
Ваквите акти на насилство врз здравствените работници се апсолутно неприфатливи и претставуваат директен напад врз сите оние кои секојдневно, со посветеност и професионалност, се грижат за здравјето и животот на граѓаните. Недозволиво е докторите и медицинскиот персонал да бидат изложени на физичко и вербално насилство и да работат во услови на загрозена безбедност и нарушено достоинство. Лекарската комора постојано апелира дека физичкото и вербално насилството не смее да биде начин за решавање на какви било состојби или недоразбирања во здравствените установи, сто во реакцијата.
Бараат од Министерството за внатрешни работи и надлежните правосудни органи итно и целосно да го расчистат случајот и најстрого да ги санкционираат сторителите, во согласност со законските одредби со кои нападот врз здравствен работник при вршење на професионалната дејност се третира како кривично дело, напад врз службено лице, за кое е предвидена и казна затвор до пет години.
Од Комората велат дека ќе обезбедат целосна правна и психолошка поддршка за повредените колеги.

