Пожар избувна во индустриска зона во Бахреин, набрзо по ирански напад, соопшти денеска бахреинското Министерство за внатрешни работи
„Службите за цивилна заштита се обидуваат да го стават пожарот под контрола. Првичните извештаи укажуваат на материјална штета, но нема повредени лица“, се наведува во соопштението на Министерството.
Западните медиуми цитираат изјави на локални жители кои тврдат дека забележале густ чад над источниот остров Ситра, каде што се наоѓаат повеќе индустриски капацитети, меѓу кои и рафинерија за нафта во сопственост на бахреинската државна нафтена компанија „Бапко“.
Иран и претходно оваа недела изврши напади врз цели во Бахреин. Иранската револуционерна гарда соопшти дека во неколку наврати нападала американски воени објекти.
Бахреин се соочува со напади од Иран уште од септември.
Танкери повторно погодени од проектили во Ормуцкиот Теснец
Во меѓу време, британската поморска агенција УКМТО соопшти дека два танкери за нафта биле погодени од непознати проектили во Ормуцкиот теснец.

Според Агенцијата, инцидентите се случиле во близина на оманскиот крајбрежен град Хасаб, но засега нема информации за жртви во ниту еден од случаите.
Иранската армија, пак, соопшти дека еден танкер за нафта се запалил откако навлегол во забранета зона и удрил во поморска мина.
Засега не е јасно дали станува збор за некој од танкерите за кои извести и УКМТО.
Вчера, УКМТО, исто така, пријави инцидент во истиот регион, кога бил погоден танкер кој се обидувал да го напушти Теснецот, при што, според извештаите, на бродот избувнал пожар.

