Во пресметките на гувернерот Трајко Славески очигледно нема место за кирија, лекување, рати, сметки и непредвидени трошоци, реагира Левица во однос на мерката што Народната банка ја презеде за определување неделен лимит од 10.000 денари подигање готовина за граѓаните кои се клиенти на Алта банка.
Дополнително, за апсурдот да биде поголем, обврските кон самата банка се изземени од лимитот. Односно, кога граѓанинот ѝ должи на банката, мора да плати, а кога банката располага со неговите пари, граѓанинот мора да чека. Оваа состојба отвора сериозно прашање за пропорционалноста на мерките и одговорноста на институциите, велат од Левица.
Посочуваат дека Народната банка, како институција надлежна за банкарскиот надзор има обврска да објасни какви проверки биле направени при влезот на инвеститорот, какви информации биле разменувани со српскиот регулатор и кога биле препознаени ризиците.
Ужасно е што ограничувањето најтешко ги погодува обичните луѓе, особено пензионерите кои денес чекаат пред затворени експозитури. За функционерите од ДПМНЕ 10.000 денари можеби се статистичка категорија, но за едно семејство тоа се храна, лекови, струја и покрив над глава, потенцира Левица.
Парите на граѓаните се нивна сопственост, а не инструмент за покривање на ризиците што институциите биле должни да ги контролираат, порачува Левица.

