МВР попладнево соопшти дека е најдено лицето кое упатувало закани преку Фејсбук кон новинарот Кристијан Ландов. Станува збор за 38-годишниот И.М. од Кичево.
Имено, на 19.11.2026 година, под објава на Facebook-страницата „Pretres.mk“, поврзана со емисијата „Претрес со Ландов“, бил објавен заканувачки коментар кој пријавителот го разбрал како закана по неговата физичка безбедност и обид за заплашување поради неговата професионална работа. Постапувајќи по пријавата, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика веднаш презеде мерки и активности за обезбедување релевантни докази и утврдување на идентитетот на лицето кое го објавило коментарот. Притоа, утврдено е дека станува збор за И.М. (38) од Кичево, соопшти МВР.
Лицето било приведено на 23 ноември и со него бил извршен службен разговор во кој тој потврдил дека е корисник на профилот од кој бил објавен заканувачкиот коментар.
МВР соопшти дека за случајот е известено Основното јавно обвинителство Скопје и дека во тек се активности за прибавување и обезбедување дополнителни електронски докази потребни за постапката.

