Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се соочува со жестоки критики поради видеото на ТикТок во кое промовира нов додаток за пензионерите, со порака дека младите сега можат да побараат од своите баби и дедовци да им ја купат видеоиграта ГТА 6.
„Кој од вас ќе побара од баба и дедо да му ја купат ГТА 6 како божиќен подарок?, прашува Мицотакис во видеото. На екранот се појавува логото на играта, а во позадина се слуша музика. „Сите знаеме дека бабите и дедовците ретко им велат „не“ на своите внуци“, додава Мицотакис.
Целта на видеото е да се промовира еднократен додаток за пензионерите во износ од 400 евра, кој конзервативната Влада го воведе во пресрет на изборите што ќе се одржат следната година.
Иако замислено како шега, видеото наиде на остри критики од коментатори и од грчката опозиција.
„Премиерот промовира видеоигра што е забранета за малолетници, само за да изгледа модерно“, велат од опозициската партија ПАСОК.
Левичарскиот весник „Ефсин“ го нарекува потегот „гаф“, додека конзервативниот весник „Димократија“ зборува за „трагична грешка“.
Контрадикторна порака
Вреди да се напомене и дека Грција, под водство на Мицотакис, се приклучи на растечката група земји што сакаат да ја ограничат употребата на социјалните мрежи од страна на младите. На пример, од 1 јануари 2027 година, ќе стапи на сила забрана за користење социјални мрежи за лица помлади од 15 години.
Поранешниот премиер од левицата, Алексис Ципрас, го обвинува својот наследник дека е фокусиран исклучиво на комуникацијата и имиџот.
„Како да се објасни тоа што, додека ги забранува социјалните мрежи за младите под 15 години, тој промовира видеоигри што се несоодветни за деца, и ги поттикнува бабите и дедовците да потрошат една четвртина од скромниот додаток што им го дава, токму за купување на такви игри?“ вели Ципрас во видео на социјалните мрежи.
Тој исто така се осврнува на обвинувањата за корупција против партијата на Мицотакис. „Кога слушнаа „голема кражба“, не можеа да го сокријат својот ентузијазам“, вели тој.
И на самиот ТикТок, реакциите се главно со доза на чудење. Коментарот со убедливо најмногу допаѓања гласи: „Мислев дека прави некоја наградна игра“.
Како и претходните делови, ГТА 6 е акциона игра со отворен свет во која играчите можат слободно да се движат низ голем град, да крадат автомобили, да вршат грабежи и да извршуваат мисии за криминални банди. Поради насилната содржина, играта не се препорачува за лица помлади од 18 години.
Лансирањето на ГТА 6 минатата недела беше огромен успех. Според издавачот „Рокстар Гејмс“, играта остварила заработка од 3,8 милијарди долари уште првиот ден.

