Во среда, 9 декември 2026 година, во 20:00 часот, во Малата сала на Филхармонија – Скопје, ќе се одржи концертот „Музика без граници“ на пијанистот Алесандро Вена, во организација на Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со регионот Базиликата и Филхармонија Скопје.
По тој повод, маестро Вена ќе настапи заедно со Оркестарот Тебаиде д’Италија, под диригентската палка на маестро Козимо Мараљино.
Вечерната програма нуди префинето музичко патување што ги обединува ремек-делата на класичниот пијанистички репертоар со современата музика и незаборавните мелодии од италијанската кинематографија.

Прв дел: Вечерта ќе започне со две познати композиции од XVIII век: Концертот бр. 5 во фа-мол (BWV 1056) од Јохан Себастијан Бах и Концертот бр. 11 во ре-дур (Hob. XVIII:11) од Франц Јозеф Хајдн. Потоа ќе следува Концерт за пијано и оркестар од Емануеле Страки, современ композитор и професор на Конзерваториумот „Санта Чечилија“ во Рим. Делото, кое самиот авторот му го посветил на Алесандро Вена, ќе биде изведено во Скопје само неколку недели по светската премиера во Театарот „Торлонија“ во Рим.
Втор дел: Оркестарот Тебаиде д’Италија ќе ѝ оддаде почит на богатата традиција на италијанската кинематографија, со избор од најпознатите композиции од филмската музика на Нино Рота и Енио Мориконе.
Влезот е бесплатен до пополнување на слободните места.

