Група албански студенти најавија формирање на нова политичка партија наречена „Обединети за Албанија“, составена од млади луѓе, експерти и претставници на албанската дијаспора.
Според групата, иницијативата – која произлезе од 180-дневни протести – има за цел да стане „нова политичка алтернатива, заснована на правда, меритократија, транспарентност и одговорност“, пренесува „Еуроњуз“ (Euronews).
Претставници на иницијативната група соопштија дека е започнат процесот на собирање потписи потребни за основање на политичкиот субјект. Во текот на наредните недели, тие планираат да одржат средби со граѓани во градовите и селата низ земјата, како и со Албанци кои живеат во странство.
Студентите изјавија дека новата партија има за цел да создаде политичка алтернатива отворена за сите граѓани кои бараат поинаков модел на владеење – таков во кој институциите функционираат врз основа на владеење на правото и одговорност.
„Во текот на 180 дена, илјадници млади луѓе, родители, наставници и граѓани покажаа дека Албанија не е уморна. Таа е будна и обединета. Овој глас им припаѓа на сите што се приклучија кон барањата на протестите. Партијата ’Обединети за Албанија‘ ќе им понуди уставен пат кон воспоставување на владеењето на правото“, се вели во изјавата на студентите.
Исто така, беше нагласено дека партијата не претставува програма изготвена зад затворени врати. „Во наредните недели ќе бидеме со вас – во градовите и селата, и секаде каде што живеат нашите сонародници. Наша цел е да ги обединиме гласовите, искуствата и волјата на албанскиот народ за заеднички да изградиме нова алтернатива, да ја обединиме Албанија и да ја насочиме земјата кон патот што го заслужува. Ние не даваме само празни ветувања; ние поставуваме стандарди. Секоја наша заложба ќе вклучува мерлива цел, одговорен субјект за нејзино спроведување, пресметани трошоци и конкретен рок“, се наведува во соопштението.
Протестите на студентите и граѓаните во Албанија започнаа во октомври и прераснаа во масовни антивладини демонстрации во Тирана и други градови, со барања за оставка на премиерот Еди Рама. Демонстрантите бараат заминување на Рама – кој е на власт од 2013 година и моментално го извршува својот четврти мандат – како и промени во целиот политички естаблишмент. Тие укажуваат на лошите услови на универзитетите, високите школарани, недоволната финансиска поддршка, скапите кирии и ограничените можности за вработување по дипломирањето.
Овие протести следуваат по собирите од претходното лето – таканаречената „Револуција на фламингата“ – масовно протестно движење што започна во мај против изградбата на луксузни туристички комплекси во заштитени природни подрачја. Еколошките активисти се спротивставија на планираната изградба на луксузни одморалишта поврзани со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател.
Студенти во Албанија започнуваат процес за формирање политичка партија

