Повеќе од 26.000 граѓани ќе добијат назад над 140 милиони денари што финансиските друштва незаконски им ги наплатиле за опомени и паушални надоместоци поради доцнење со плаќањето на брзи кредити. Државниот пазарен инспекторат донел решенија со кои на финансиските друштва им наложува да ги вратат парите во рок од 30, 60 или 90 дена, во зависност од бројот на опфатени потрошувачи, изјави денеска директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски.
На заедничка прес-конференција со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и владината портпаролка Марија Митева, Стојкоски информираше дека во изминатите три месеци биле спроведени вонредни инспекциски надзори кај сите 27 финансиски друштва со лиценца од Министерството за финансии за одобрување кредити на физички лица.
Контролите не го опфатиле само тековното работење во 2026 година, туку и периодот од 2023, 2024 и 2025 година.
„По целосна обработка на документацијата од страна на Државниот пазарен инспекторат, донесени се инспекциски мерки, решенија, со наредба до финансиските друштва, кои се обврзани да им вратат на потрошувачите незаконски наплатени средства во вкупен износ од над 140 милиони денари, со прецизни рокови за постапување од 30, 60 и 90 дена“, изјави Стојкоски.
Според него, контролите биле насочени кон почитувањето на Законот за заштита на потрошувачите, особено при склучувањето договори за потрошувачки кредити, наплатата на провизии и дополнителни трошоци и исполнувањето на обврските кон клиентите.
Кај 18 финансиски друштва биле утврдени нечесни трговски практики, односно нечесни трговски одредби во договорите за потрошувачки кредити. За констатираните неправилности биле изречени соодветни инспекциски мерки и издадени платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари.
Дополнително, кај 12 финансиски друштва било утврдено дека спротивно на член 36 од Законот за заштита на потрошувачите им наплатувале на клиентите за доставување известувања и опомени поради доцнење или неплаќање на достасаните кредитни обврски.

Токму овие незаконски наплатени надоместоци се предмет на решенијата со кои е наложено враќање на парите на потрошувачите.
„Финансиските друштва имаат наредба во рок од 30, 60 и 90 дена да постапат и да им ги вратат средствата на граѓаните. По истекот на роковите, ќе следуваат контролни надзори од страна на Државниот пазарен инспекторат“, најави Стојкоски.
При проверките кај две финансиски друштва биле утврдени и неправилности во сметководствената евиденција, која не се водела согласно Законот за трговските друштва и Законот за сметководството. Поради тоа, дел од потребната документација не била обезбедена во соодветната законска форма. За случајот било известено Министерството за финансии за понатамошно постапување.
Станува збор за две поголеми финансиски друштва со повеќе експозитури низ државата, појасни директорот на Инспекторатот.
Стојкоски не ги откри имињата на финансиските друштва кај кои се утврдени неправилности, образложувајќи дека сè уште се спроведуваат последователни инспекциски надзори и поширока истрага.
„Кога би завршила истрагата, нема никаков проблем и да се објави, меѓутоа сега сè уште сме во тек на последователни инспекциски надзори. Не би сакал да ѝ наштетам на постапката затоа што еден погрешно насочен збор би претставувал проблем“, рече Стојкоски.
Во однос на санкциите, тој појасни дека казните зависат од видот и бројот на прекршените законски одредби и се движат од 2.000 до 10.000 евра за една мерка изречена на финансиско друштво. Кај дел од друштвата биле утврдени прекршувања на повеќе законски одредби, поради што биле изречени повеќе мерки.
Државниот пазарен инспекторат најави дека ќе продолжи со засилени и контролни инспекциски надзори за да провери дали финансиските друштва ги спроведуваат решенијата и ги отстрануваат утврдените неправилности.
Стојкоски ги повика граѓаните внимателно да ги читаат договорите пред да земат потрошувачки кредит, да се информираат за сите провизии, надоместоци и дополнителни трошоци, како и да ги пријавуваат неправилностите до надлежните институции.
Портпаролката Митева рече дека Владата е одлучна во спроведување на проверката на сите лиценцирани финансиски друштва или да биде поедноставно за јавноста, проблемот со брзите кредити.
„Знаевме дека отвораме едно од најгорливите прашања за многу семејства. Знаевме што значи кога до крајот на месецот треба да се платат сметките, да се обезбеди сè што му е потребно на семејството и да се најдат средства за ратата. А кога со секоја опомена доаѓа нов трошок, притисокот врз тие семејства станува уште поголем“, нагласи Митева.

