Недела и натаму ќе остане неработен ден за граѓаните, а Владата нема намера да ја менува оваа одлука, порача денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Тој остави можност евентуалните барања од бизнис-заедницата за промена на законското решение да бидат разгледани во Економско-социјалниот совет, но нагласи дека ставот на Министерството е непроменет.
Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието Дурмиши рече дека Владата во повеќе наврати се изјаснила против укинувањето на неделата како неработен ден.
„Кога и да се отвори како тема, ќе се дискутира. Но, недела да не биде неработен ден – ние сме против тоа, сме кажале неколку пати. Значи, недела останува неработен ден за сите граѓани. Ако едно такво барање дојде од Стопанската комора, секако дека ќе се отвори во Економско-социјалниот совет и ќе се расправа. Таму има 12 членови и секој ќе искаже свој став“, изјави Дурмиши.
Тој појасни дека исклучоци за работа во недела ќе продолжат да постојат во одредени сектори каде што природата на дејноста или потребите на работниот процес го налагаат тоа, но основниот принцип нема да се менува.

