Евроамбасадорот Михалис Рокас не исклучува можност земја членка на ЕУ да постави прашање што не било претходно предвидено во пристапниот процес, но нагласува дека Европската Унија нуди јасни правила и предвидливост за напредокот на земјава кон членство. Тој посочува дека протоколите поврзани со Договорот за добрососедство со Бугарија се споменуваат во Преговарачката рамка и дека од двете страни се очекува договорите да ги спроведуваат во добра верба.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Рокас беше прашан дали протоколите со Бугарија се дел од пристапните преговори на земјава со Европската Унија.
„Во Преговарачката рамка се споменуваат протоколите, а она што се бара е да се оди напред со спроведувањето на договорите во добра верба. Клучниот израз тука е „во добра верба“. Она кон што се стремиме се добрососедски односи. Нивната важност е очигледна. Тие се однесуваат на сите земји кандидатки, но и на оние што денес се членки на ЕУ. Тука нема разлика, бидејќи станува збор за договори. Тука се Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, Преспанскиот договор и така натаму“, рече Рокас.
Според евроамбасадорот, правилата според кои земјава треба да напредува се јасни, бидејќи Преговарачката рамка е веќе договорена, а скринингот е спроведен. Како најдобра гаранција за напредокот ги посочи конструктивниот пристап и разговорите меѓу двете страни.
Историските прашања да им се остават на историчарите
На прашањето што би се случило доколку Заедничката историска комисија не постигне согласност за тоа како да ги опише Гоце Делчев или Охридската архиепископија и дали таквото несогласување би можело да биде основа Бугарија да стави вето во пристапните преговори, Рокас рече дека не може да коментира каков став би можела да заземе земја членка.
„Јас ја претставувам Европската Унија и никако не можам да коментирам каков став би можела да заземе некоја земја членка во процесот на проширување. Но, мислам дека повторно треба да се вратиме на добрососедските односи и на спроведувањето на договорите во добра верба. Тоа е суштинско, тоа е клучно. Тоа е најважно и треба да се воспостави таква практика. Историјата секогаш можеме да им ја оставиме на историчарите. Меѓу сегашните членки на ЕУ имаме примери на земји кои и по зачленувањето продолжуваат да разговараат за вакви прашања“, одговори евроамбасадорот.
Прашан дали Европската Унија има механизми да спречи евентуално бугарско вето поради несогласувања во Историската комисија, Рокас повторно избегна да шпекулира за можните потези на земјите членки. Како пример го посочи актуелниот спор меѓу Хрватска и Црна Гора.
„Знаеме дека во пристапните преговори некоја земја членка може да нè изненади со нешто што не сме го предвиделе. Веќе гледаме што се случува меѓу Хрватска и Црна Гора. Прашањата за кои разговараат се познати во јавноста. Затоа навистина не би сакал да го користам ова гостување за да шпекулирам“, рече Рокас.
Напредокот на комисиите може да се оцени како значаен чекор
Зборувајќи за билатералните обврски, евроамбасадорот нагласи дека е важно да се следи работата на комисиите и напорите што ги вложуваат двете страни за постигнување напредок. Според него, нивната улога не треба да се сведе само на формално одржување состаноци и евидентирање на активностите.
„Важно е ова што го кажувам, бидејќи комисиите не постојат само за да дискутираат и формално да се забележи дека нешто е направено. Важно е да се вложи напор, бидејќи тој напор може да се оцени како значаен чекор напред. Лично сум уверен дека ако има напредок во важните прашања за усогласувањето со ЕУ, во борбата против корупцијата, во владеењето на правото и во реформите, и ако ги имаме отворено пристапните преговори, тогаш ќе го имаме потребниот замав. Ако истовремено се негуваат добрососедските односи и предвидените комисии работат јасно, решително, посветено и конструктивно, јас лично верувам дека нема од што да се стравува“, рече Рокас.
Прашањето за можноста од ново вето се отвора и во контекст на барањето на премиерот Христијан Мицкоски за предвидливост на пристапниот процес, пред да побара од пратениците да ги внесат Бугарите во преамбулата на Уставот.
На прашањето какво уверување може да даде ЕУ дека процесот ќе биде предвидлив, Рокас потсети дека Преговарачката рамка ја одобриле сите земји членки и дека нивната согласност е потребна и за секој следен чекор.
„Во процес во кој, како што знаете, за секој чекор е потребна едногласност од земјите членки, единственото нешто што можеме да го понудиме е јасност. ЕУ нуди предвидливост со тоа што се знае како се напредува – во инклузивен процес, според заслугите и според правилата за проширување на ЕУ“, рече евроамбасадорот.

