Народниот театар Битола и Бабел ФАСТ фестивалот од Романија потпишаа меморандум за соработка, кој претставува уште еден значаен чекор во меѓународното поврзување и афирмирање на македонскиот театар.
Меморандумот го потпишаа директорот на НУ Народен театар Битола, Васко Мавровски и уметничкиот директор на Бабел ФАСТ, Ливју Келоу, со што се отвораат нови можности за размена на уметнички искуства, меѓусебна поддршка, гостувања, копродукции и заеднички театарски иницијативи.
Оваа соработка е уште едно меѓународно признание за квалитетот, континуитетот и уметничкиот потенцијал на Народниот театар Битола, но и потврда дека нашиот театар одамна ги надминал локалните и националните рамки. Големината на еден театар не се мери само според неговата историја и традиција, туку и според неговата способност да создава нови вредности, да воспоставува партнерства и да биде препознаен и почитуван на меѓународната театарска мапа. Продолжуваме да градиме мостови, да отвораме нови хоризонти и да ја афирмираме Битола како град на театарот и културата. Народен театар Битола – со корени во традицијата, со поглед кон светот, се вели во соопштението од битолскиот театар.

