Македонија се уште ја нема донесено новата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интересот 2026-2030. Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата реагира поради одолговлекувањето на собраниската постапка за нејзино усвојување.
Речиси една година по истекот на претходната Стратегија за периодот 2021-2025 година, Собранието сѐ уште нема усвоено нов стратешки документ за борба против корупцијата. Ваквата состојба го нарушува континуитетот на националните антикорупциски политики и испраќа загрижувачка порака за приоритетите на институциите во справувањето со корупцијата. Дополнително загрижува фактот што одолговлекувањето на усвојувањето на Стратегијата директно ја загрозува реализацијата на мерките предвидени за 2026 година. Бидејќи годината е на самиот крај, навременото спроведување на овие активности е практично невозможно, особено ако се земе предвид времето потребно за институционално планирање, координација и обезбедување ресурси, укажуваат од Платформата.
Секое дополнително пролонгирање, според Платформата, го зголемува ризикот од доцнење во спроведување на мерките и неисполнување на предвидените стратешки цели.
Оваа состојба е особено загрижувачка во момент кога меѓународните партнери, а пред сѐ Европската Унија, во своите извештаи нотираат отсуство на напредок во борбата против корупцијата. Во вакви околности, дополнителното одложување на усвојувањето на основниот национален стратешки документ за спречување на корупцијата претставува сериозен сигнал за недоволната институционална посветеност на ова прашање, посочуваат од Платформата.
Државната комисија за спречување на корупцијата на 19 јуни ја донесе Националната стратегија и ја достави до Собранието, но досега не е донесена.

