Невообичаено раното слабеење на стратосферскиот поларен вртлог и екстремно силниот Ел Нињо би можеле сериозно да влијаат на климата во Европа и би можела да донесе долготраен студ во текот на претстојната зима.
Метеоролозите моментално го следат рекордно раното распаѓање на поларниот вртлог, систем од моќни ветрови што обично го заробуваат екстремно ладниот воздух над Северниот Пол. Промените во неговата сила и облик можат да влијаат на времето многу поблиску до површината на Земјата.
Слабеењето на поларниот вртлог може да овозможи пенетрација на студен арктички воздух кон делови од Европа и Северна Америка. Но, оваа година, тој феномен се случува истовремено со екстремно силниот Ел Нињо, климатски феномен што може да ги зголеми глобалните температури и да го наруши моделот на врнежи.
На Европа ѝ се заканува постудена зима
Комбинацијата од овие два феномена го зголемува ризикот од подолг студен период.
Сајмон Ли, предавач по атмосферски науки на британскиот Универзитет Сент Ендрус, објаснува дека истовремената појава на ненадејно стратосферско затоплување и Ел Нињо само по себе не е нужно невообичаена.
Но, оваа година, метеоролозите очекуваа поларниот вртлог да се распадне дури во февруари, а не веќе во ноември.
Ли истакнува дека таквото рано слабеење на стратосферскиот поларен вртлог е исклучително редок феномен што може да влијае на времето во текот на целата зима.
Според него, последиците би можеле особено да се почувствуваат во северозападна Европа и на исток од САД. Можноста за постудено време се зголемува, иако екстремите што се гледаа во минатото не се нужно очекувани.
Ли се сеќава на јануари 2014 година, кога навлегувањето на екстремно ладен воздух поврзан со поларниот вртлог доведе до делумно замрзнување на Нијагарините водопади. Сепак, сегашната ситуација не значи дека ваквите екстремни услови ќе се повторат.
Со месеци, метеоролозите очекуваа дека Ел Нињо ќе донесе поблага зима во Европа, но, сепак, исклучително раното распаѓање на поларниот вртлог сега отвора можност за многу постудена зима од очекуваното.
Никогаш не сме виделе ваква комбинација
Дејвид Луис, главен аналитичар во консултантската куќа „Вуд Мекензи“, предупреди дека сегашната комбинација на временски настани е без преседан.
„Никогаш не сме виделе рано распаѓање на поларниот вртлог и супер Ел Нињо во иста зима“, изјави Луис.
Тој објаснува дека Ел Нињо обично се поврзува со поблаги зими, додека ненадејното стратосферско затоплување често ја зголемува веројатноста за постудени температури и пообилни снежни врнежи. Ваквите последици би можеле да се појават во Европа во текот на декември и јануари.
Затоа, тешко е да се процени кој од овие феномени ќе има посилно влијание врз времето.

