Студентската листа е близу до решение за составот и организацијата на новата влада на Србија, но приоритет е таа да биде ефикасна и оперативна, изјави заменик-шефицата на Пратеничката група на Листата во српското Собрание, Александра Штимац.
Таа изјави дека разговорите за идната Влада започнале веднаш по изборите и дека Студентската листа може да предложи неколку, според неа, подеднакво квалификувани кандидати за секоја позиција.
Штимац вели дека во моментов се разгледува бројот на министерства, бидејќи според постоечката државна организација тие изгледаат „како навистина гломазен апарат, кој е до одреден степен непотребен“.
„Од примарно значење е како оваа Влада ќе изгледа функционално“, објасни Штимац.
Таа изјави дека ја разбира загриженоста на граѓаните и потребата Владата да се формира што е можно поскоро.
Според Штимац, кадровските решенија и одлуките за бројот на министерства ќе бидат донесени наскоро, но не сакаше да прецизира дали Владата ќе биде избрана до крајот на годината.
„Многу е важно граѓаните да сфатат дека во овој момент е исклучително важно Владата да се структурира онака како што треба. Не велам дека ќе одложуваме, сигурно нема да одложуваме. Размислуваме за таа брзина и во моментов сме исклучително фокусирани на тоа“, рече Штимац.

