Системот „Безбеден град“ ќе продолжи да се надградува и да се проширува низ државата, а во полициските возила ќе бидат инсталирани паметни камери со радари, кои автоматски ќе ги регистрираат сообраќајните прекршоци. Целосната имплементација на проектот се очекува да заврши до средината на 2027 година, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Говорејќи во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, Тошковски посочи дека признанието за проектот „Безбеден град“, добиено во Дубаи, не се однесува само на применетата технологија, туку и на законските измени, начинот на функционирање на системот и досегашните резултати во намалувањето на сообраќајните несреќи со смртни последици.
Според податоците што ги изнесе министерот, во изминатите 35 години во земјава просечно годишно животот во сообраќајни несреќи го губеле по 150 лица, додека годинава, заклучно со денот на неговото гостување, бројот на загинати изнесува 85.
„Камерите не се за да казнуваат. Целта на камерата е да спаси еден човечки живот повеќе од претходно. Човечкиот живот нема цена“, порача Тошковски.
Тој најави дека подвижните радари во полициските возила ќе се користат и во урбаните средини и на отворените патишта. Нивното воведување ќе се одвива етапно, со техничко оспособување на возилата и обука на полициските службеници.
Во однос на санкционирањето на непрописното паркирање, министерот најави дека овој дел од системот треба да биде ставен во функција до крајот на годинава. Сепак, прекршоците нема да се утврдуваат целосно автоматски, туку ќе биде потребна потврда од полициски службеник. Причината, како што објасни, е тоа што системот не може со целосна точност да разликува непрописно паркирање од запирање на возило поради сообраќаен метеж.
Контролите првенствено ќе бидат насочени кон главните булевари во Скопје и во другите градови, особено кон сообраќајниците по кои се движат автобусите.
Тошковски најави и дека од следната недела граѓаните ќе можат да користат мобилна апликација преку која ќе проверуваат дали имаат евидентиран сообраќаен прекршок и ќе можат да ги плаќаат изречените казни.
Дополнително, до крајот на годината се очекува да профункционира пунктот за проверка на возилата на граничниот премин Блаце, по примерот на веќе воспоставениот пункт на Табановце. Во следниот период се планира проширување на ваквата контрола и на други гранични премини, меѓу кои и Богородица.
Во однос на територијалното проширување на „Безбеден град“, министерот посочи дека системот во подрачјето на СВР Струмица треба да биде воведен во првата половина на следниот месец, додека во СВР Штип се очекува тоа да се случи до крајот на годинава или најдоцна до крајот на јануари. За СВР Скопје, рокот е до крајот на февруари.
Тој нагласи дека проектот ќе продолжи да се надградува, особено на критичните сообраќајни точки каде што се регистрирани најголем број тешки сообраќајни несреќи.
Како долгорочна цел, Тошковски ги посочи европските заложби за намалување на бројот на жртви во сообраќајот за 50 проценти до 2030 година, како и постигнување нула загинати на патиштата до 2050 година.

