Повеќе од 38,5 милиони граѓани во Шпанија денеска гласаат на вонредните парламентарни избори, на кои се одлучува за составот на новиот парламент и идната влада. Премиерот во технички мандат Педро Санчез, откако го оствари своето гласачко право во мадридскиот округ Монклоа, изрази очекување дека излезноста ќе биде историски висока.
Санчез ги повика граѓаните да гласаат, оценувајќи дека поголемата излезност ќе овозможи појасно да се изрази волјата на избирачите.
„Гласот е најголемата моќ“, изјави тој пред новинарите, додавајќи дека има добро чувство за изборниот ден.
„Колку е поголем одѕивот, толку подобро ќе се одразат чувствата на граѓаните и толку поголема ќе биде силата што владата ќе ја има за да продолжи да ги спроведува своите политики“, рече Санчез.
Избирачките места се отвориле утрово, а за безбедноста на гласањето се ангажирани повеќе од 100.000 припадници на Националната полиција и Цивилната гарда. Гласањето се одвива на 22.493 избирачки места.
Граѓаните избираат 350 пратеници во долниот дом на парламентот, како и 208 од вкупно 266 членови на Сенатот. Премиерот го избира долниот дом, додека преостанатите сенатори ги назначуваат регионалните парламенти.

