Протестот што се одржа на 28 ноември во Тирана, на Денот на независноста на Албанија, заврши по околу десет часа судири меѓу демонстрантите и полицијата. Во интервенциите беа употребени солзавец и водени топови, а според Министерството за здравство, 47 лица побарале медицинска помош.
Собирот започнал околу 10 часот наутро. Тензиите најпрво ескалирале пред зградата на Кабинетот на премиерот, а потоа се прошириле кон плоштадот „Скендербег“ и околните улици.
Демонстрантите фрлале камења, пиротехнички средства и молотови коктели кон полициските кордони и државните институции. Полицијата одговорила со солзавец и водени топови, а солзавец бил распрскуван и со помош на дрон.
Во текот на протестот биле пријавени оштетувања на објекти, меѓу кои и згради на институции во центарот на градот, како и турканици и повремени палења на јавни површини и опрема.
Според податоците на Министерството за здравство, меѓу повредените има полициски службеници, демонстранти, новинари, минувачи и еден припадник на обезбедувањето. Во вечерните информации било прецизирано дека од вкупно 47 лица на кои им била укажана медицинска помош, 20 се полициски службеници, а шест се новинари. Меѓу повредените е и пратеникот Ералд Капри.
Дел од повредените биле задржани на болничко лекување, додека поголемиот број биле пуштени по укажаната медицинска помош.
Полицијата во текот на попладнето соопштувала за повеќе приведени лица, а бројот на спроведени се зголемил кон крајот на денот. Според подоцнежните информации пренесени од „Топ Ченел“, наредниот ден биле уапсени 12 лица, а постапки биле покренати против уште 19.
Меѓу осомничените е и осумнаесетгодишник, кој се товари за фрлање молотов коктел кон полициски службеници. Во одделен случај, била приведена и 29-годишна жена, откако во возило биле пронајдени молотови коктели, пиротехника и метални цевки. Според полицијата, возилото служело како база за снабдување со материјали за протестот.

