Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се ближи решението за справување со долгогодишните жаришта на диви депонии, меѓу кои и Вардариште. Тој посочи дека целта е овие простори да се исчистат, соодветно да се третираат и да добијат нова, корисна содржина за граѓаните, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ .
„Кога станува збор за Вардариште, постојано добивам препораки позитивни од граѓаните таму, но и прашања кога конечно ќе завршиме, затоа што, почнаа некако да веруваат во она што не веруваа многумина во предизборието, а тоа е дека Вардариште ќе се претвори во еден голем парк“.
Ѓорѓиевски посочи дека само чистењето на депониите не е доволно за трајно решавање на проблемот.
„Не е доволно само да истретирате некоја депонија. Да бидеме искрени, ние немаме доволно инспекциски служби постојано да бидат на терен, кубуриме со човечки капацитети и затоа јас преминав во моделот да ги претворам во одредена содржина“, кажа тој и додаде:
„И такво нешто направивме изминатиов период на повеќе од 50.000 квадрати во општина Бутел. Градоначалникот често пати го споделува тоа во јавноста. Таму пак се изборивме и против урбаната мафија којашто сакаше да го насели целиот простор со згради“.
Во однос на Вардариште, Ѓорѓиевски информираше дека процесот на одгасување е завршен, а посочи и дека во минатото оваа тема била користена и во предизборни кампањи, со најави за изградба на гасни централи и користење на метанот за затоплување на цело Скопје, иако како што вели, има незначителна количина.
„ Веќе проектот се спрема, на почетокот на наредната календарска година, ќе го објавам јас како ќе изгледа целиот парк таму. Откако ќе завршиме со деконтаминација, таму ќе бидат нанесени слоеви на земја, којашто ќе биде квалитетна, на која што ќе може подоцна да се издигне тој парк. Ќе оставам простор и граѓаните да дадат идеи“.

