дома Македонија Политика Рената Дескоска избрана за потпретседател на Венецијанската комисија

Рената Дескоска избрана за потпретседател на Венецијанската комисија

Поранешната македонска министерка за образование и правда во владата на СДСМ – Рената Дескоска (53) е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.

„Денеска сум избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија, која ја одржува својата 145 та сесија на 12 и 13 декември во Венеција. Во текот на вчерашниот ден за нова претседателка на Венецијанската комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда во Италија. Денеска се избрани тројца потпретседатели на Венецијанската комисија: јас, Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство“ напиша Дескоска на Фејсбук.

Таа порача „Среќна сум за тоа што сум првата потпретседател/ка на Венецијанската комисија која потекнува од Македонија, но исто така и која потекнува од земја која не е членка на ЕУ, или од било која од земјите кои произлегоа од поранешна Југославија. Денешниот избор го сфаќам како признание за мојата активност и досегашен придонес во работата на Венецијанската комисија. Досега учествував во изработката на 14 мислења за различни земји, кои ги презентирав на пленарните седници и кои едногласно беа усвоени. Воедно како претставник на Венецијанската комисија учествував и во повеќе мисии и конференции“.

Според неа, „Денешниот избор е обврска повеќе да продолжам со мојот ангажман на промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Благодарам на сите кои ме поддржаа на патот до втор човек во Венецијанската комисија“.

 

ПредходнаДали го знаете трикот со путер? Можеби затоа колачите не испаѓаат онака како што треба
СледнаАхмети: САД, НАТО, Европа – ви благодариме за поддршката на УЧК