Во четврток со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи концертот по повод Меѓународниот ден на жената, насловен „Сила“, под диригентската палка на Ребека Тонг од Индонезија, со солистичко учество на пијанистот Ендру фон Ојен.
На програмата се „Павана“, оп. 50 од Габриел Форе, Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во ге-мол од Камиј Сен-Санс и симфониската скица „Море“ од Клод Дебиси – три дела што ја истражуваат емоцијата, бојата и силата на оркестарскиот звук.
Ребека Тонг е резидентен диригент на Симфонискиот оркестар и уметнички и музички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Таа ја освои Првата награда на меѓународниот диригентски конкурс La Maestra во 2020 година во Париз, каде што ја доби и „ARTE Prize“. Настапувала со реномирани европски оркестри, меѓу кои и Оркестарот на Париз, Националниот оркестар на Франција, Лондонската филхармонија и Би-би-си Филхармонијата. Во својата кариера била асистентка на диригенти како Мајкл Тилсон Томас и Франсоа-Ксавије Рот, а учествувала и на мастер-часови со врвни имиња од светската сцена. Добитничка е на Taki Award 2019 и на повеќе престижни диригентски стипендии.
Активно работи на проширување на класичниот и современиот репертоар во Индонезија и е основач на Младинскиот христијански оркестар на Џакарта. Родена во музичко семејство, со кинеско потекло, Тонг уште од рана возраст ја гради својата визија за музиката како универзален јазик што ги поврзува заедниците.
Ендру фон Ојен е меѓународно афирмиран пијанист, познат по виртуозната техника и суптилната музикалност. Дебитирал со Филхармонијата на Лос Анџелес на 16-годишна возраст, а оттогаш настапува со водечки оркестри низ светот, меѓу кои Филаделфија оркестарот, Берлинскиот симфониски оркестар и Би-би-си симфонискиот оркестар. Концертирал во престижни сали како Вигмор Хол и Барбикан во Лондон, Линколн центар во Њујорк и Кенеди центар во Вашингтон.
Фон Ојен снима за Warner Classics, со албуми како „Bach-Beethoven“ (2021) и „Angels & Demons“ (2024), кои добија значително внимание на стриминг платформите. Неговиот репертоар опфаќа дела од Бах и Бетовен до Дебиси, Равел, Лист, Сен-Санс и Месијан. Роден во САД, со германско и холандско потекло, студирал на Колумбија Универзитетот и на Џулијард школата, а денес живее и работи меѓу Лос Анџелес и Париз.




