Експерти од „Рајксмузеум“ во Амстердам потврдија дека делото „Визија на Захарија во храмот“ е автентична слика на Рембрант ван Рајн, по двегодишно истражување спроведено со современи методи на анализа.

Сликата е датирана во 1633 година, во раниот период на уметникот, кога Рембрант имал 27 години. Делото прикажува библиска сцена со првосвештеникот Захарија, а присуството на архангелот Гаврил е означено преку драматичен зрак светлина што продира од горниот десен агол, наместо преку директен визуелен приказ на ангелот – пристап карактеристичен за раната употреба на светлина и сенка кај холандскиот мајстор.
Од музејот информираат дека при проверката биле користени напредни техники, меѓу кои материјална анализа на пигментите, споредбена студија со други дела од истиот период, детална проверка на потписот, како и дендрохронолошка анализа на дрвената подлога, со што е потврден и датумот 1633. Истражувачите посочуваат дека составот на боите, техниката на нанесување и видливите промени во композицијата целосно се совпаѓаат со раните дела на Рембрант.
Сликата била исклучена од опусот на уметникот во 1960 година, а по купувањето од приватен колекционер во 1961 година исчезнала од јавноста. Според информациите на музејот и новинската агенција Ројтерс, сегашниот сопственик неодамна го контактирал Рајксмузеум, по што било овозможено ново испитување и повторна атрибуција.
Делото е долгорочно отстапено на музејот и ќе биде јавно изложено од 4 март 2026 година, што претставува негово прво јавно претставување по повеќе децении.




