дома Технологии Мистериозен конус забележан на Марс: научници дебатираат дали станува збор за отпад...

Мистериозен конус забележан на Марс: научници дебатираат дали станува збор за отпад или значајно откритие

Фотографија направена од роверот Кјуриосити на американската вселенска агенција НАСА повторно го привлече вниманието на научната јавност, откако на површината на Марс беше забележан мистериозен објект со форма на конус.

Објектот, долг околу 20 сантиметри и со рамна основа, првпат бил фотографиран уште во 2022 година во кратерот Гејл, во близина на екваторот на Црвената планета. Сепак, повторно стана тема на расправа откако бил откриен во дигиталната архива на фотографии од Марс и посочен од астрофизичарот од Харвард, Ави Лоеб.

Според него, објектот наликува на мал цилиндричен или конусен предмет, што отвора прашање дали станува збор за човечки отпад оставен од вселенска мисија или за нешто што би можело да има поинакво потекло.

„Дали треба едноставно да претпоставиме дека мистериозниот предмет е човечки отпад и да продолжиме понатаму, или треба роверот да се врати за да утврди дали неговото потекло е поинакво?“ напиша Леб во својата објава.

Роверот Кјуриосити , кој од 2012 година ја истражува површината на Марс, во моментот се наоѓа на падините на планината Шарп во кратерот Гејл. Според проценките, објектот се наоѓа на околу осум километри од неговата моментална позиција.

Најверојатното објаснување, според Леб, е дека станува збор за дел од опрема поврзана со самата мисија на роверот, кој можеби се одвоил за време на долгогодишната работа на планетата.

Мистериозниот предмет првично бил забележан од аматерскиот истражувач на Марс Рами Бар Илан, кој пребарувал фотографии од архивата на НАСА, а подоцна информацијата била проследена и до научници кои се занимаваат со анализа на планетарни податоци.

Засега НАСА официјално не дала објаснување за природата на објектот.

Во меѓувреме, роверот Кјуриосити продолжува со истражувањата на Марс, каде покрај овој предмет научниците анализираат и необични структури што наликуваат на јајца, како и геолошки формации познати како „боксворк“, кои се од особен интерес за научниците и јавноста.

ПредходнаФилм за индоктринацијата на ученици во Русија го освои Оскарот за најдобар документарец
СледнаПресврт: Канабисот не ги лекува ефикасно менталните болести