Единаесет земји членки на Европската Унија се здружија со барање да се стави крај на „опструктивните“ вета кои во последните години ја блокираат надворешната политика на Унијата, објави „Еуроњуз“.
Австрија, Данска, Белгија, Финска, Франција, Германија, Луксембург, Холандија, Романија, Шпанија и Шведска во писмо до високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, повикаа да се разгледа можноста за преминување од едногласно на одлучување со квалификувано мнозинство во надворешната политика.
„Културата на консензус во Унијата е важен извор на нејзиниот легитимитет. Затоа, продолжуваме да се стремиме кон консензус секогаш кога е можно“, се наведува во писмото.
Сепак, земјите предупредуваат дека консензусот мора да овозможи заедничко дејствување, а не да го спречува.
„Во спротивно, ќе имаме легитимитет, но нема да имаме сила“, додаваат тие.
Германија, како најголема земја членка, предводи иницијативи за реформирање на начинот на кој ЕУ носи одлуки во надворешната политика.
Во писмото се оценува дека надворешната политика на Унијата се соочува со значително изменета ситуација, која ја карактеризираат стратешко ривалство, зголемена нестабилност и обиди за поткопување на меѓународниот поредок заснован на правила.
Документот содржи пет принципи чија цел е да се спречи она што земјите го опишуваат како „опструктивно однесување“ во надворешната и во безбедносната политика на ЕУ.
Еден од предлозите е Унијата „почесто да прибегнува кон конструктивно воздржување“, со што би се спречило поединечни земји членки да ги блокираат одлуките.
Според потписниците, способноста на ЕУ да ги брани своите вредности и интереси зависи од тоа дали може брзо и ефикасно да ја мобилизира својата колективна политичка, економска и дипломатска моќ.
Според правилата на ЕУ, за одлуките во надворешната политика е потребна едногласност, што значи дека една земја може да ги блокира одлуките на останатите 26 членки.
Ова повеќепати се случуваше за време на 16-годишното владеење на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Пред да ја загуби власта во април, Орбан често ја користеше можноста за вето за да издејствува отстапки и да ги унапреди своите интереси.

