Битола од вечерва повторно ќе биде центар на филмската уметност. Почнува 47. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ кое годинава носи импозантна филмска програма.
Во седумте фестивалски денови ќе бидат прикажани 83 филмови во повеќе програми, од кои 12 во официјалната конкуренција. Фестивалот ќе биде отворен и затворен со македонски филмови. На отворањето ќе биде прикажан „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума, а затворањето е резервирано за дебитантското остварување на Срѓан Јанаќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“.
Неофицијално имаме околу 700 акредитирани гости, што е огромна бројка. Имаме првокласни кинематографери, потенцијални и наградувани лауреати од претходните години, кои повторно доаѓаат во Битола затоа што го сакаат градот, го сакаат фестивалот и целата атмосфера на фестивалот , велат од ИФФК „Браќа Манаки“.
Наградата „Златна камера 300“ за животно дело ќе му биде доделена на данскиот кинематографер Ден Лаустен, а специјалната „Златна камера“ за особен придонес во филмската уметност ќе ја добие кинематограферот Џим Кроненвет.
За годинашното издание фестивалот од Министерството за култура доби поддршка од 12 милиони денари.

