Обвинителството покрена обвинение против шест лица за случајот со фалсификувањето на возачките дозволи.
Обвинета е вработена во Министерството за внатрешни работи, како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи – Скопје, која во периодот од 03.09.2020 до 24.08.2026 година, во повеќе наврати ги користела своите шифри и вршела преправање на возачки дозволи, внесувајќи дополнителни категории.
Останатите петмина опфатени со обвинението се возачи кои, иако знаеле дека немаат положено за Ц и Д категорија, во договор со првата обвинета, поднесувале барања за издавање дозволи во кои им биле впишувани дополнителни категории.
Ваквите невистинити исправи тие ги користеле за да аплицираат и да добијат сертификати за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз на патници и стоки, а потоа во повеќе наврати управувале со автобус или товарно возило во меѓународен сообраќај.
За тројца обвинети, вклучувајќи ја и вработената во МВР, се бара продолжување на претходно определената мерка притвор, а за останатите тројца кои се недостапни на органите на прогонот предложено е да им биде определен притвор од нивното пронаоѓање, додека постапката против нив ќе продолжи во нивно отсуство.
Од Обвинителството информираат дека во меѓувреме, во рамки на истиот предмет, продолжуваат да се преземаат дејствија за обезбедување докази и против уште 21 лице, осомничени како посредници или корисници на фалсификуваните возачки дозволи, а се истражуваат и други можни злоупотреби.

