Аеродромот во германскиот град Минхен го укина ограничувањето за носење шишиња до најмногу 100 милилитри во рачниот багаж, па отсега патниците ќе можат да внесат повеќе амбалажи со течности до максимум два литра и тие не мора да се ставаат во проѕирна кеса.
Новите правила на речиси сите безбедносни контролни пунктови на Минхенскиот аеродром, кој е втор по големина во Германија, почнаа да се применуваат од 18 септември.
Промената е овозможена со компјутерски томографските скенирања, кои создаваат тродимензионален поглед на содржината на багажот и овозможуваат подетална анализа на неговата содржина. За новата технологија на контролните пунктови германската сојузна покраината Баварија инвестираше околу 45 милиони евра.
Новата технологија, исто така, го олеснува проверувањето на електронските уреди, така што лаптопите и таблетите можат да останат во нивните торби за време на безбедносните проверки.
Минхен не е првиот голем европски аеродром што ги олесни ограничувањата за носење течности во рачниот багаж. Нирнберг го укина ограничувањето во мај, додека аеродромот во Виена ги спроведува новите правила од 3 јули. На лондонскиот Хитроу, новите правила се на сила на сите терминали од крајот на јануари. Во Франкфурт и Берлин, правилата сè уште зависат од тоа на која безбедносна линија се наоѓа патникот.
Ограничувањето до најмногу 100 милилитри течност е на сила околу 20 години и беше воведена по обид за терористички напад со течни експлозиви во Велика Британија.

