Четири дена по ред нема нови случаи на западнонилска треска. Според информациите на здравствените власти, последниот примен пациент со симптоми на западнонилска треска е од 19 септември.
На Клиниката за инфективни болести во моментот се хоспитализирани вкупно 12 пациенти од кои тројца се на кислородна поддршка. Меѓу нив е и пациентот кој поодамна е хоспитализиран и кој е во потешка здравствена состојба.
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека со или без епидемија се преземаат истите сет на мерки односно се врши дезинсекција во местото каде има заболени пациенти, но дека треба да се искористат искуствата од други држави и да се премине кон комплетно прскање од земја.
Ќе ги сумираме резултатите. Многу е тешко да се предвиди, бидејќи периодот на инкубација е два до 14 дена. Имаме општини каде воопшто не е прскано и нема ниту еден случај. Општините кои се во Повардарието треба да бидат попретпазливи. Има општини кои се меѓу трите каде има најмногу прскања и има случаи со западнонилска треска. Веројатно треба да ги споредиме искуствата од дома и во Грција и да видиме што подобро прават тие. Во еден разумен период од три до пет години треба да го напуштиме аеропрскањето и да преминеме комплетно на прскање од земја. Периодот е неопходен бидејќи треба да се подготви механизацијата за тој тип работа. Има уште неколку искуства од Грција кои се добри да се применат. Работиме на нив со Центарот за јавно здравје, со Институтот за јавно здравје, изјави Клековски.
Смета дека ќе треба да се засилат и одредени казнени мерки за општините коишто не постапуваат по елаборатите одобрени од страна на центрите за јавно здравје.

