Околу 150 пица-мајстори од повеќе од 20 земји ќе ги одмерат своите знаења и вештини, носејќи ги со себе различните школи, техники и традиции на подготовка на пицата, од Италија и Балканот, до Бразил, Аргентина и Јапонија .
Тие ќе бидат дел од Pizza Championship Macedonia 2026 што денес и утре се одржува во Скопје Сити Мол, во организација на Accademia Pizzaioli Macedonia и Скопје Сити Мол, со Accademia Pizzaioli – Italia, предводена од Enrico Famà, како меѓународен партнер.
Пица-мајсторите ќе ги покажат своите знаења, техника и креативност во четири натпреварувачки категории: Pizza Napoletana, Pizza Classica, Pizza Romana и Mystery Box. Секоја категорија носи различен предизвик – од автентичниот традиционален италијански стил и врвните комбинации на вкусови, до специфичната крцкава текстура и модерната презентација, а во Mystery Box натпреварувачите ќе треба да импровизираат и да создадат пица со тајни состојки, во живо пред публиката.
Натпреварувањето ќе се одвива пред шестчлено стручно жири, составено од италијански и меѓународни пица-мајстори, судии и светски шампиони, во согласност со меѓународните стандарди за оценување.
Како прво натпреварување од ваков меѓународен карактер и обем во Македонија, шампионатот има за цел да го промовира врвното пица-мајсторство, професионалната едукација, размената на знаења и искуства, како и поврзувањето на пица-професионалците од Македонија и светот.
Почесен гостин ќе биде Enrico Famà, претседател на Accademia Pizzaioli – Italia, а на шампионатот ќе присуствуваат и бројни реномирани пица-мајстори, светски шампиони, меѓународни судии и VIP гости. Меѓу гостите и учесниците се најавуваат и Duilio Roberto Armeta, петкратен светски шампион и меѓународно признат мајстор на freestyle пица, како и Michela Carbone, светска шампионка во категоријата „Pizza and Wine“ во Римини во 2025 година и најдобра пица-мајсторка на Светското првенство во 2023 година.
Шампионатот има и официјална меѓународна димензија преку партнерството со Pizza Senza Frontiere 2027, еден од најголемите светски натпревари за пица-мајстори, кој ќе се одржи во февруари 2027 година во Римини, Италија.
Првопласираните во секоја натпреварувачка категорија, ќе добијат бесплатно учество во категорија на Pizza Senza Frontiere 2027, како и официјален трофеј и плакета за шампионот на Македонија. За останатите натпреварувачи се обезбедени 50% ваучер за учество на Pizza Senza Frontiere 2027 и официјален сертификат за учество на меѓународниот шампионат.

