Американска експедиција е на пат кон островот Никумароро во Тихиот Океан за да трага по авионот на пионерката во воздухопловството, Амелија Ерхарт.
Таа исчезна заедно со нејзиниот навигатор Фред Нунан во 1937 година. Во 2020 година, еден истражувач-аматер откри предмет што би можел да биде токму тој авион. Истражувачите се надеваат дека е така, но постои и голема доза на сомнеж.
Исчезнувањето на американската пилотка Амелија Ерхарт е една од најголемите мистерии во историјата на воздухопловството. Таа исчезна во 1937 година додека се обидуваше да го обиколи светот со авион. И покрај бројните операции за пребарување, Ерхарт, нејзиниот навигатор Фред Нунан и нивниот авион никогаш не беа пронајдени.
Постојат многу митови и теории на заговор поврзани со ова исчезнување. Сепак, повеќето експерти претпоставуваат дека на авионот на Ерхарт веројатно му снемало гориво и се урнал во близина на Хауленд. Тоа е мал, ненаселен американски остров во Тихиот Океан, некаде на половина пат меѓу Хаваите и Австралија.
Кон крајот на 80-тите години на минатиот век, се појавија сомнежи дека Ерхарт и Нунан извршиле принудно слетување на коралните острови Никумароро, кои се дел од островската држава Кирибати, и дека тие таму починале од повреди или од глад.
Во моментов, американска експедиција се упатува кон Никумароро. Пред неколку години, на сателитски и воздушни снимки беше откриен подводен објект што би можел да биде авионот на Ерхарт и Нунан.
Експедицијата ја предводи истражувачки тим од Универзитетот „Пердју“, во американската сојузна држава Индијана, и од Американскиот институт за археолошко наследство (АЛИ), во сојузната држава Орегон.
Универзитетот „Пердју“ ужива голем углед во светот поради своите програми за инженерство и воздухопловство, но постои и друга поврзаност. Ерхарт била гостин-предавач на Универзитетот „Пердју“.
Исто така, Универзитетот го кофинансирал развојот на нејзиниот авион „Локид 10-Е Електра“, кој имал два мотора. Ерхарт својот авион го нарекувала и „летечка лабораторија“.
Во 2020 година, американскиот аматерски истражувач Мајкл Ешмор на сателитска снимка открил објект во плитките води близу до островот Никумароро, поточно во близина на полуостровот Тараија. Никумароро се состои од тесен копнен прстен што опкружува голема лагуна, а Тараија се наоѓа на северната страна од таа лагуна.
Објектот што го забележал Ешмор претставувал темна форма со испакнатини кои, според него, потсетувале на силуета на авион. „Објектот Тараија“ стана предмет на нови теории и истражувања.
По откривањето на објектот, Универзитетот „Пердју“ и организацијата АЛИ се фокусираа на постари и понови сателитски снимки. Тие тврдат дека ја препознаваат формата на авион на снимки од 2015, 2017 и 2001 година. Според нив, тој е видлив дури и на аерофотографии на Армијата на Нов Зеланд од 1938 година.
Труп на авион во лагуната?
Истражувачкиот тим од Универзитетот „Пердју“ и АЛИ во средата тргна од главниот град на Кирибати на пат долг 1.340 километри кон Никумароро. Планирано е да пристигнат таму на почетокот на следната недела.
Тие се убедени дека „Објектот Тараија“ би можел да биде токму авионот на Ерхарт и Нунан. Се претпоставува дека по принудното слетување, брановите го откинале авионот и тешко го оштетиле. Потоа, трупот на авионот отпловил во лагуната.
Барем така гласи хипотезата на Универзитетот „Пердју“ и АЛИ.
Тимот прво ќе го мапира Никумароро користејќи дрон, магнетометар (уред за мерење магнетни полиња) и сонар.
„Сакаме да добиеме подобра претстава за тоа што се наоѓа таму пред да започнеме со ископување“, вели Ричард Петигру, директор на АЛИ.
Доколку се потврди дека станува збор за авион, тимот би сакал да се врати следната година за целосно да го ископа. А ако навистина се работи за „Локид Електра“ на Ерхарт, „Пердју“ сака да се обиде да ги пренесе сите делови на Универзитетот.
„Пронаоѓањето на авионот на Амелија Ерхарт би било откритието на животот“, вели Ричард Петигру.
Според правниот советник на Универзитетот „Пердју“, Стив Шулц, кој и самиот учествува во експедицијата, доколку тоа се случи ќе биде решена една од најголемите мистерии на 20-тиот век.
Истражувачите планираат да останат на Никумароро околу пет дена, а потоа ќе отпловат назад кон Кирибати.
Луѓето често го гледаат она што сакаат да го видат
Но, не се сите убедени дека експедицијата ќе го пронајде авионот речиси 90 години по исчезнувањето на Амелија Ерхарт.
Еден од најголемите скептици е Ричард Гилеспи, коосновач и директор на Меѓународната група за пронаоѓање историски авиони (ТИГХАР). Тој учествувал во истражувањето што ја изнесе теоријата за островот Никумароро кон крајот на 80-тите години на минатиот век.
Преку ТИГХАР, Гилеспи си постави животна мисија да ја реши мистеријата поврзана со Амелија Ерхарт и Фред Нунан. Во текот на изминатите 35 години, Гилеспи предводеше 12 експедиции до Никумароро. Тие резултираа со одредени траги.
На пример, пронајдени се предмети што им припаѓале на луѓе, вклучително и мало стаклено шишенце за крем против пеги од 30-тите години на 20-от век, како и остатоци од џебно ножче, слично на она што Ерхарт го носела во авионот.
Истрагата на ТИГХАР опфаќа и современи форензички анализи на мерењата на скелетните остатоци пронајдени на островот во 40-тите години. Постојат записи за повици за помош, регистрирани од радиоаматери во близина во деновите веднаш по исчезнувањето на Ерхарт.
Тука е и фотографијата од крајбрежјето на островот, направена неколку месеци по исчезнувањето. На неа се гледа предмет кој, според Гилеспи, изгледа како механизмот за слетување на авионот „Електра“.
Многу траги, но никогаш вистински цврсти докази што конечно би ја решиле мистеријата. Гилеспи исто така не верува дека актуелната експедиција ќе го пронајде авионот на Амелија Ерхарт.
Тој е убеден дека „предметот Тараија“ всушност е паднато локално дрво, кое било однесено во лагуната.
„Може да се види кореновиот систем. Може да се видат гранките. Тоа е дрво. Но, луѓето често го гледаат она што сакаат да го видат“, изјави Гилеспи минатата недела во едно интервју.
Според него, авионот се изгубил во маглата на историјата. Поради плимата и осеката кај гребенот, тој на крајот бил однесен во морето, потонал и се распаднал.
„Би сакал да го најдам тој авион. Но, тоа нема да се случи“, изјави Гилеспи во истото интервју.
Се чини дека и Мајкл Ешмор, аматерскиот истражувач кој го открил предметниот објект на сателитска снимка во 2020 година, повеќе не верува во сопствената теорија. На својата веб-страница, покрај оригиналната сателитска снимка, тој напиша „оспорено“.
Така, сега се чека да се види дали оваа нова експедиција ќе даде некакви резултати.
Која е Амелија Ерхарт?
Американката Амелија Ерхарт (1897–1937) е една од најпознатите пионерки во авијацијата на 20-тиот век. Таа се прослави низ целиот свет откако во 1932 година стана првата жена што сама и без застанување го прелетала Атлантскиот Океан.
Покрај тоа, таа поставила разни рекорди во летањето, ја промовирала цивилната авијација и се залагала за подобра положба на жените во оваа област. Нејзините достигнувања ја претвориле во меѓународен симбол на храброст, авантуристички дух и еманципација на жените.
Во 1937 година, Ерхарт се обидела да стане првата жена што ќе го обиколи светот со авион – патување долго повеќе од 40.000 километри. На 2 јули, некаде за време на летот од Лае во Папуа Нова Гвинеја кон Хауленд, американски остров во Тихиот Океан, Ерхарт и нејзиниот навигатор Фред Нунан ја изгубиле радио-врската.
Оттогаш, нема никакви вести за нив. И покрај опсежната операција за пребарување, Ерхарт, Нунан и авионот никогаш не биле пронајдени.
Претходни потраги
Ова не е првпат истражувачите да бидат убедени дека конечно го пронашле авионот на Амелија Ерхарт.
Во 2019 година, поморскиот археолог Роберт Балард, кој го откри и потонатиот „Титаник“, предводеше мисија заснована на фотографија од предмет што личел на дел од опремата за слетување, што штрчел од водата во близина на островот Никумароро. Таа потрага не даде резултати.
Во 2024 година, група истражувачи тврдеа дека можеби го пронашле авионот на длабочина од приближно 4.877 метри под површината на водата, во близина на островот Хауленд. На крајот се испостави дека станува збор за карпеста формација.

