Владата на Италија на синоќешната вонредна седница донесе одлука да преземе строги мерки против протестите во земјата, кои, меѓу другото, вкучуваат и испраќање на 500 војници во Милано за да ги држат под контрола потенцијалните насилници.
Според најавата, војниците нема да имаат полициски овластувања, односно не смеат никого да апсат, но тие сепак ќе останат во Милано најмалку до крајот на годината.
Покрај ова, употребата на насилство за време на демонстрации станува казниво дело. Сторителите на делото „насилно учество во демонстрации“ се соочуваат со затвор во траење до пет години и парични казни до 20.000 евра. Овие казни може да бидат и повисоки доколку сторителите се маскирани или доколку има повредени лица.
Понатаму, автоматски ќе се смета дека младите на возраст од над 14 години се способни да ги разберат сопствените постапки, со што би можеле кривично да одговараат. Досега, за нешто такво одлучуваше судија.
Покрај ова, за штетата што ќе ја предизвикаат малолетници одговорност може да сносат и нивните родители во форма на парични казни.
Според италијанската премиерка Џорџа Мелони, ваквите мерки се неопходни и потребна е решителна интервенција за да се спречи ширењето на немирите.

