Рогашка Слатина во Словенија е еден од најпознатите европски спа-центари, чија традиција на лекување и релаксација со лековита минерална вода трае од почетокот на 19 век. Но, таму се наоѓа и музејот „Дворот на Ана“, каде во стаклени тегли, наместо зимница, се наоѓаат предмети што чуваат спомени од секојдневниот живот во поранешна Југославија, од играчки до пластични сандали.
Како што обкави „Мондо“, Именуван по Света Ана, заштитничката на жените, овој музеј ги комбинира минатото и сегашноста преку дигитализирано наследство и демонстрации на дување стакло.

Веднаш по влегувањето, посетителите се воодушевени од централната „Мала кристална сала“, чиј таван и завеси се украсени со дури 3.500 мали кристали и 4.900 кристални листови поврзани со повеќе од осум километри челична жица.
Внатре во палатата има осум тематски колекции: стакло, графичка, домашна, филолошка, парковска, водна, козметичка, како и Кралската колекција со експонати од Кралството СХС и Кралството Југославија (1918-1945).

На полиците има мали и големи тегли полни со течност, а во нив работи што го обележале детството и секојдневниот живот на генерации возрасни во поранешната држава: пластични сандали, играчката Пајо Паторот, толку карактеристична за тој период, но и бројни други предмети што сигурно ќе разбудат лавина од спомени кај југоносталгичарите.

Во теглите се потопени и чаши што им припаѓале на популарната актерска брачна двојка Драган Николиќ и Милена Дравиќ, како и очилата на телевизискиот водител Миодраг Здравковиќ, кој со нив на лицето ја објави веста за смртта на Јосип Броз Тито.

Овој музеј наместо класична музејска поставка, нуди еден вид временска капсула. Предмети што некогаш биле дел од секојдневниот живот, денес, запечатени во тегли, зачувуваат приказни за една земја, нејзините луѓе, навики и детство.

Можеби токму ова е нивната најголема вредност. Бидејќи, додека за некои овие тегли претставуваат само необична музејска колекција, за оние што се сеќаваат на Југославија тие се многу повеќе од тоа, мали парчиња од едно време што поминало, но што многумина сè уште го носат во себе.

