Во повеќе француски градови, демонстранти и денеска, како и секоја сабота во изминативе недели, излегоа на улиците, барајќи повисоки плати, пристојни услови за домување, како и подобри јавни услуги и услови во училишта.
Но, за разлика од претходните саботни протести, оваа шеста сабота по ред, бројот на учесници на демонстрациите беше помал.
Организаторите наведуваат бројка од 150.000 демонстранти, додека според полицијата, нивниот број изнесувал 82.000. Од овие над 82.000 демонстранти, нешто повеќе од 20.000 излегоа на улиците во Париз.
Според извештаите на властите, повеќето демонстрации поминале релативно мирно, без немири или грабежи. Сепак, во Марсеј и Бордо се забележани помали инциденти.
Минатата сабота, според полицијата демонстрираа нешто повеќе од 100.000 лица, додека организаторите тврдеа дека таа бројката е двојно поголема.

На денешните протести, орагнизирани од ученичките и студентските сојузи и синдикатите, се приклучија и припадници на движењето „Жолти елеци“.
Француски полицајци обвинети за насилство и сексуален напад врз двајца демонстранти
Во меѓу време, француското Јавно обвинителство соопшти дека покренало истрага против двајца полицајци, кои се товарат за насилство врз двајца мажи што учествувале на демонстрациите во Париз. Еден од полицајците се соочува и со обвинение за сексуален напад.
Од друга страна, демонстрантите се обвинети дека за време на протестите нападнале полицајци, што тие самите го негираат.
Едниот од нив е обвинет дека со удар му скршил заби на полицаец. Според пријавата, при апсењето, еден полицаец наводно го фатил уапсениот за гениталиите.
Во полициска станица во Париз, двајцата демонстранти, наводно, биле „соборени на земја“ и им биле нанесени повеќе удари. Еден од нив вели дека бил принуден да помине низ насилно испрашување „целосно гол“.

