Лесно е од канцеларија да кажеш – почекајте, стрпете се. Дојдете и кажете им тоа во очи на овие напатени луѓе, порача градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски упатувајќи уште еднаш апел до институциите да го решат проблемот со кравите.
Државо, собери си ги говедата, твои се повеќе од две и пол години. Многу е лесно од канцеларија да кажеш – почекајте, стрпете се. Дојдете и кажете им го тоа во очи на овие напатени луѓе. Дојде ножот до коска, луѓе мои, ова е колективна казна за цела Крива Паланка и затоа уште еднаш велам – доста беше. Доделете ѝ ја законската надлежност на општината и за помалку од десет дена ќе имаме трајно решение на проблемот, рече Митовски.
Митовски бара во вторник на владина седница да биде разгледан акцискиот план, а во спротивно најавува радикализација на протестите.
Градоначалникот на Крива Паланка и претседателот на Советот му ги предадоа личните карти на командирот на полицијата порачувајќи сите прекршочни пријави да им ги препишат на нив двајца.

