Панел-дискусија посветена на улогата и моќта на соработката меѓу уметноста и феминистичкиот активизам ќе се одржи вечер, со почеток во 18 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје.
Настанот е последен во рамки на проектот „Фемина 8: Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“, реализиран од Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), кој во изминатите денови обедини изложба и повеќе панел-дискусии.
На дебатата ќе учествуваат Салија Беќир-Халим, иницијаторка и претседателка на Иницијативата на жените од Шуто Оризари, Мања Величковска, истражувачка и писателка од Коалицијата „Маргини“, Искра Гешоска, културна теоретичарка и иницијаторка на „Контрапункт“ и Фестивалот за критичка култура „Крик“, Јана Манева-Чупоска, уметница, истражувачка и претседателка на ДЛУМ, како и Ирена Цветковиќ, независна истражувачка и активистка.
Модераторка на дискусијата ќе биде Сузана Милевска, теоретичарка на визуелната култура и кураторка на изложбата.
Преку различни перспективи и искуства, учесничките ќе разговараат за можностите за поврзување на уметничкото творештво со феминистичкиот активизам и за улогата на културата во отворањето општествени прашања и поттикнувањето промени.

