Снимка од апсење спроведено од агенти на Американската служба за имиграција и царина (ИЦЕ) повторно предизвика нов бран незадоволство во САД.
На снимката се гледа како маскирани агенти на ИЦЕ зграпчуваат маж кој се обидува да се качи во авион на аеродромот во Сиетл. Во акцијата е приведена и ќерката на мажот, која притоа извикува дека и двајцата имаат американски работни дозволи.
ИЦЕ подоцна објави соопштение во кое се тврди дека мажот, кој е државјанин на Мексико, престојувал во САД подолго отколку што му дозволувала визата.
За време на апсењето, на снимката се гледа како и друга патничка фрли врело кафе врз службениците. Според ИЦЕ, и таа немала важечка виза за престој во САД, а дополнително ќе биде обвинета и за напад врз федерален агент.
Апсењето се одвива на мостот што води кон авионот, а неколку патници го снимаат настанот.
На снимка се гледа и како еден од службениците на ИЦЕ турка на земја друг патник кој се обидува да интервенира.
Боб Фергусон, гувернерот на сојузната држава Вашингтон, каде што се наоѓа Сиетл, реагираше со огорченост. „ИЦЕ целосно го изгуби разумот. Оваа дрскост е неоправдана“, изјави Фергусон.
Демократот Фергусон повикува на укинување на ИЦЕ.
„Спроведувањето на имиграциските закони и граничните контроли мора да бидат ефикасни, но истовремено и етички и хумани. ИЦЕ не е таква. Реформи повеќе не се можни“, истакна Фергусон.
Од аеродромот во Сиетл соопштија дека не биле известени за акцијата на ИЦЕ. Во соработка со Министерството за внатрешна безбедност, под чија надлежност спаѓа ИЦЕ, се спроведува истрага за да се утврди дали биле прекршени одредени правила.
Контроверзии околу ИЦЕ за време на мандатот на Доналд Трамп
На почетокот на својот втор мандат, американскиот претседател Доналд Трамп ја постави строгата имиграциска политика како приоритет. Во ИЦЕ беа вложени дополнителни средства со цел да се зголеми бројот на депортирани лица.
Мандатот на ИЦЕ е да ги апси и депортира лицата кои немаат уредни документи и кои претставуваат закана за земјата. Меѓутоа, под водство на Трамп, акцентот повеќе не е ставен на депортација на криминалци, туку на секој што не престојува легално во земјата.
Агенцијата отсекогаш била контроверзна, но таа контроверзност само се зголеми за време на мандатот на Трамп. Агентите често постапуваат грубо, а во јануари оваа година, двајца цивили – Рене Гуд и Алекс Прети – беа застрелани и убиени во краток временски интервал, откако се обидоа да интервенираат при апсења.
По изборите во на поќетокот на ноември на кои неговата Републиканска партија претрпе тежок пораз, Трамп изјави дека неговиот пристап кон миграцијата бил „премногу строг“. Сепак, нема никакви назнаки дека тој пристап ќе се промени во скоро време.

