Премиерот Христијан Мицкоски им порача на младите кои протестираа против насилството врз жените пред Владата дека во него може да гледаат соработник и заедно да се борат против тоа зло.
На конференцијата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ што попладнето се одржа во Скопје, Мицкоски рече дека случаите на семејно насилство мора да имаат институционален одговор и тоа не само од МВР, туку и од обвинителтвото и судската фела.
Го следев последниот протест на младите организиран против насилството врз жените пред Владата. Ја разбирам и прифаќам нивната бунтовност, нивните ставови и пораки. Морам да кажам дека навистина сум шокиран од низата случаи на насилство врз жените кои секако мора да бидат проследени со институционален одговор. И тоа не само од МВР, туку и од оние превентивни механизми кои не смеат да дозволат да стигнат работите до тој степен, но и со соодветен одговор и од обвинителските и судските инстанци, рече Мицкоски.
Насилството, како што рече, не е од пред две години, туку последица на разорениот систем, губењето на моралот, губењето на принципите и семејни вредности, но и поради ниското ниво на општествена и политичка култура.
За младите најави три проекти. Стан со најмалку 20 проценти попуст за брачен пар до 35 години, нула комуналии за млади до 35 години кои ќе градат свој дом и студентска картичка за попуст на услуги до 20 проценти преку апликацијата М-услуги.

