Воената кампања на Израел во Газа го претвори целиот Појас во токсична пустина, при што водата, почвата и воздухот се тешко загадени поради масовната употреба на експлозивно оружје и уништувањето на системите за водоснабдување, канализација и пречистување, се наведува во извештај на меѓународната хуманитарна организација „Оксфам“.
„Секој што дише, јаде, пие или дури и само се движи низ Газа, е изложен на висок ризик од внесување токсични или канцерогени материи“, се вели во извештајот насловен „Воени злосторства против животната средина: Како израелскиот воен напад ја претвори Газа во токсична „ничија земја“ што го загрозува опстанокот на луѓето“.
Според организацијата, системите што биле наменети за справување со загадувањето, сега служат како активни преносители на болести. „Се работи за акутна криза, која носи сериозни и долгорочни последици за населението“, се наведува во извештајот.
Организацијата зборува за „воени злосторства против животната средина… кои го загрозуваат опстанокот на луѓето во Газа“.
Документот изготвен од „Оксфам“ во соработка со британската невладина организација Опсерваторија за конфликти и животна средина (ЦЕОБС), претстсвува истражувачки извештај кој опфаќа технички, научни, просторни и правни аспекти.
Штета врз животната средина од огромни размери
Според истражувачите, израелската воена операција зафатила приближно 78 отсто од територијата на Газа. Се проценува дека во Газа биле употребени 200.000 тони експлозив, што резултирало со создавање околу 61 милион тони урнатини. Токсичните материи се наоѓаат во и околу овие урнатини.
Поради ветерот, како и при обидите за расчистување, токсичната прашина се крева во воздухот и се шири насекаде. Највисоки концентрации се забележани во градот Газа, Кан Јунис, Рафах, Џабалија, како и долж патот „Салах ал-Дин“, кој се протега низ цела Газа, од север кон југ.
Исто така, уништени се и изгорени објекти, инфраструктура за водоснабдување и отпадни води, индустриски енергетски капацитети, земјоделско земјиште и системи за третман на отпад.
Како резултат на тоа, во средината е ослободена сложена мешавина од загадувачки материи, вклучувајќи остатоци од експлозиви, тешки метали, диоксини и азбестни влакна. Откако ќе навлезат во животната средина, овие материи можат многу лесно да се прошират. Просторната анализа покажува дека повеќе од 99 отсто од територијата содржи барем еден вид потенцијална контаминација.
Уништување на виталната инфраструктура
Според извештајот, приближно 85 отсто од инфраструктура за водоснабдување и канализација е оштетена или уништена. Во јуни 2024 година, достапноста на вода за пиење изнесувала 16 отсто во споредба со состојбата пред војната. Биле извршени итни поправки, со што до април 2026 година достапноста се зголемила на 39 отсто.
Сите шест постројки за пречистување на отпадните води се исто така уништени. Како резултат на тоа, дневно околу 40.000 кубни метри отпадни води истекуваат во Средоземното Море. Дополнителни 15.000 кубни метри секојдневно навлегуваат во почвата и подземните води. Овие води содржат тешки метали, како што се олово, бакар и манган.
Според извештајот, повеќе од 87 отсто од земјоделското земјиште е оштетено од бомбардирања, булдожери и пожари. Искорнати се повеќе од еден милион маслинови дрвја. Поради ограничувањата за пристап наметнати од војската, денес само три отсто од земјоделското земјиште е достапно и неоштетено. Следствено, самостојното земјоделско производство е практично невозможно.
Сериозни и долгорочни ризици по јавното здравје
Недостигот од чиста вода, чист воздух и системи за третман на отпад веќе доведе до појава на речиси два милиони акутни респираторни инфекции и повеќе од половина милион случаи на акутна водена дијареја. Повторно се појави и вирусот на детска парализа (полио). Во тој случај, кампањите за вакцинација успеаја да ја стават под контрола најголемата закана.
Покрај тоа, долгорочните последици ќе бидат огромни. Изложеноста на азбест, тешки метали и продукти од согорување го зголемува ризикот од појава на рак, оштетување на бубрезите, невролошки абнормалности, како и нарушувања во репродуктивниот систем и развојот. Ова претставува проблем за сите жители. Лицата ангажирани во расчистување на урнатините исто така треба да бидат заштитени.
Правни импликации: штета врз животната средина и геноцидна намера?
Според истражувачите, нанесувањето на сета оваа штета врз животната средина е релевантно за истрагата на Меѓународниот суд на правдата во врска со можните прекршувања на Конвенцијата за геноцид од страна на Израел, бидејќи предизвиканото уништување сериозно ги загрозува шансите за физички опстанок на палестинското население.
Истражувачите утврдуваат дека моделот на систематско уништување и напади укажува на „геноцидна намера“. Таа намера мора правно да се докаже за да може да се донесе судска пресуда за геноцид.
„Станува збор за воени злосторства против животната средина, кои ги загрозуваат животите на населението денес, како и на идните генерации“, вели Амитаб Бехар, директор на „Оксфам“.

