Иранските судови побараа од Соединетите Држави да платат 290 милијарди долари отштета, изјави денеска во Техеран Хасан Абдолијанпур, шеф на правосудниот центар за адвокати.
„Домашните судови донесоа пресуди со кои им се наложува на Американците да платат 290 милијарди долари отштета“, рече Абдолијанпур, како што пренесува иранскиот портал „Ентехаб“.
Тој додаде дека неколку пловни објекти што им припаѓаат на Соединетите Држави, а кои неодамна беа запленети, ќе бидат вклучени во оваа отштета.
Тој напомена дека се поднесени и неколку тужби против арапските земји во Заливот, поради тоа што „ѝ дозволиле на Америка да ја користи нивната територија за изведување напади врз Иран“.
„Поднесовме тужба против Јордан и други арапски земји, барајќи надомест на штета. Овие држави мора да сносат одговорност што ѝ ја ставиле својата територија на располагање на Соединетите Држави за напади врз Иран“, нагласи Абдолијанпур.
Според државната телевизија, отштетата се однесува на постапки на САД од пред неколку децении – многу пред почетокот на тековниот конфликт на 28 февруари.
Ебрахим Азизи, претседател на Комисијата за национална безбедност и надворешна политика при Меџлисот (иранскиот еднодомен парламент), денеска исто така изјави дека Соединетите Држави нема да можат да го напуштат регионот без да му платат на Иран отштета за нанесената штета. Според него, Иран денес има моќ да направи САД и Израел да зажалат за своите постапки, а доколку повторно направат погрешна проценка, процесот на нивно уништување и бегство од регионот ќе се забрза.
Иран бара 290 милијарди долари отштета од САД

