Минатата година, Германија остана убедливо најголемиот нето-уплатувач во буџетот на Европската унија, уплаќајќи 14,9 милијарди евра повеќе отколку што добила, се наведува во студијата на Германскиот економски институт (IW), во која денес имаше увид агенцијата Ројтерс.
Студијата на IW покажа дека нето-уплатата на Германија била за 1,8 милијарди евра поголема отколку во 2023 година, кога изнесувала 13,1 милијарда евра.
Франција е на второ место според уплатите во Унијата, со нето-уплата од приближно 5,4 милијарди евра, а по неа следува Италија со 3,3 милијарди евра.
Гледано според уплатите по глава на жител, Холандија е најголемиот нето-уплатувач со 179 евра, веднаш пред Германија со 178 евра по жител.
Во однос на БДП, Германија останува најголемиот уплатувач со 0,32 отсто, по што следуваат Холандија со 0,28 отсто и Шведска со 0,21 отсто.
Полска е најголемиот нето-корисник, со примени 6,7 милијарди евра, пред Романија со 5,9 милијарди евра, заклучува IW.
Лидерите на ЕУ во четврток и петок ќе одржат посебен самит посветен на дискусиите за буџетот на Унијата за периодот 2028–2034 година.
Германски економски институт: Германија останува најголем нето-уплатувач во буџетот на ЕУ

