Од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 годинс, загинале повеќе од 700.000 руски војници, јавија руските независни медиуми „Медуза“ и „Медиазона“ врз основа на анализи на огромно количество хакирани податоци.
Два независни руски медиуми кои работат од странство анализирале податоците до кои дошле две проукраински хакерски групи по кибер нападот врз руската државна агенција за статистика, „Росстат“. Хакерските групи ги објавија овие податоци во текот на изминатите недели, при што во тој момент проценија дека бројот на загинати руски војници изнесува околу 400.000.
Бидејќи руската Влада ја крие бројката на загинати од сопственото население, „Медуза“ и „Медиазона“ со години се обидуваат да ја следат таа бројка, главно преку анализа на руски смртовници и известувања за смрт.
Но, благодарение на кибер нападот врз „Росстат“, сега одеднаш стана достапна за анализа огромна количина нови информации.
Идентификација и проценка
Податоците од „Росстат“ не содржат јасна категорија „воен персонал загинат во војната со Украина“, но „Медуза“ и „Медиазона“ наведуваат дека постојат различни други критериуми кои – директно или индиректно – укажуваат на тоа дека податоците се однесуваат на загинати војници.
Врз основа на тие нови информации, тие идентификуваа најмалку 490.000 загинати руски војници во податоците на „Росстат“ за периодот од почетокот на инвазијата, па сè до септември оваа година. Земајќи го предвид и сопственото истражување, двата медиуми изјавуваат дека се уверени во автентичноста на овие податоци.
Сепак, тие напоменуваат дека податоците за загинатите војници се појавуваат во базите на податоци на руската влада со значително задоцнување.
Затоа, „Медуза“ и „Медиазона“ претпоставуваат дека повеќето смртни случаи од 2026 година не се вклучени во тие 490.000, а можно е да недостасуваат и одреден број смртни случаи од 2025 година.
Користејќи научни методи на проекција, двата медиума доаѓаат до бројка од над 700.000 загинати руски војници, под претпоставка дека податоците од „Росстат“ би биле ажурирани. Во овие 700.000 се вклучени и војници кои се водат како исчезнати, а кои најверојатно се мртви.
Според тоа, новата проценка на „Медуза“ и „Медиазона“ е значително повисока од нивната претходна, направена во мај оваа година. Тогаш, овие два медиума проценија дека бројот на загинати изнесува над 350.000 во периодот од февруари 2022 до декември 2025 година.
Експертите наведуваат дека Русија во моментов губи повеќе војници отколку што успева да регрутира. Сепак, преку привлекување на сиромашни Руси од зафрлени региони, далеку од Москва, со понуди за профитабилни договори, Русија сè уште успева, до одреден степен, да ги надомести загубите и да продолжи со борбите.
„Но, тоа веројатно не е доволно за да се подобри нејзината позиција на бојното поле“, вели американски експерт за „Њујорк тајмс“.
А што е со Украина?
И на украинска страна не е лесно да се добие јасна слика за бројот на загинати војници. Иако Украина зборува за ова нешто почесто од Русија, останува прашањето колку се веродостојни и тие бројки.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски последен пат изнесе податоци во февруари, кога спомна најмалку 55.000 загинати војници. Сепак, американскиот тинк-тенк „Центар за стратешки и меѓународни студии“ во јуни процени дека таа бројка се движи меѓу 125.000 и 150.000.

